Промоција на Стрип центарот на Македонија на „Бела ноќ“ во Скопје
Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и годинава учествува на манифестацијата „Бела ноќ“ во Скопје. Стрип цртачите велат дека ланските позитивни искуства ги поттикнале на нови идеи пред се од увидените потреби за развој и афирмација на стрип културата во Скопје, како метропола на нашата држава. Така годинава Стрип центарот на Македонија ќе учествува со една пред промоција на 14 Интернационален стрип салон „Велес 2016“, со промоција на своите изданија , со работилница и слободни стрип разговори.
– На пред промоцијата на 14-тиот Интернационален Стрип салон „ВЕЛЕС 2016“ пред публиката во главниот град ќе се изложат наградените стрипови од интернационалниот стрип конкурс, подобрите македонски стрипови од Интернационалниот стрип конкурс, промотивни материјали на гости од другите земји на овогодинешниот стрип салон во Велес, ќе реализираме промоција на досегашната работа на Стрип Центарот „Велес“ како и на досегашните гости на организираните стрип салони , на добитниците на Годишното признание за развој и афирмација на стрипот „Љупчо Филипов“ наменето на заслужи дејци од сферата на стрипот во Македонија. Исто така ќе организираме промоција на изданијата на Стрип центар на Македонија. Преку работилница за стрип ќе ги запознаеме сите заинтересирани граѓани за овој вид на уметност. Ќе организираме слободни стрип разговори, соопштија од Стрип Центарот во Велес.
Тие планираат по завршувањето на официјалниот дел да организираат мала стрип работилница на која сите присутните ќе имаат можност да го покажат својот талент за цртање стрипови , под будното око на постарите автори и активисти на СЦМ „ Велес“.
Настанот што стрип уметниците ќе го одржат во горното фоаје на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се случи на 1 октоммври, со почеток во 19 часот./У.Ј