Македонски автори создаваа стрипови на колонија во Рашка, Србија
Неколкумина млади автори од повеќе македонски градови, изминатиот викенд, беа гости на 5 -тата стрип колонија „Рашка 2016“. Колонијата е традиционална и е организирана од Канцеларијата за млади како и од Клубот на ликовни уметници на општина Рашка. Годинешното учество на македонските стрип автори беше дел од перманентната интернационална соработка на домаќините и Стрип центар на Македонија со седиште во Велес.
– Освен младите македонски автори , на колонијата учествуваа и гости од Белград, Лесковац и Врање. Македонските стрип автори беа единствени учесници кои не припаѓаат на српското јазично подрачје. Колонијата се одржа во прекрасното село Семетеш, на околу 900 метри надморска височина, со атрактивното езерце и подвижни острови, прекрасна природа, гостољубиви домаќини , домашна храна во атрактивниот туристички комплекс со карактеристични дрвени куќи. Творештвото создадено за време на годинешната колонија ќе биде објавено во годинешниот стрип алманах РАС КОМИК на нашите пријатели од Рашка, рече Томе Трајков ,културен оператор во Стрип центар на Македонија-Велес.
Интернационалната стрип соработка е една од главните цели на Стрип Центарот на Мкедонија- Велес што успешно се реализира во изминатите скоро две децении. Соработката, од година во година, се проширува со нови познанства и проекти во интерес на македонските стрип автори од повеке генерации./У.Ј