На Лопушник, одбележана 73 годишнина од смртта на Кочо Рацин
И покрај силниот дожд и лошите услови на патот до Лопушник денеска делегација на манифестацијата „Рацинови средби“ и Општина Велес традиционално го посетија Лопушник, местото на погибјата на поетот и револуционер Кочо Солев Рацин. На граѓаните од неговиот роден град им се приклучија и претставници од гимназијата во Кичево. Тие му оддадоа должна почит на поетот и револуционер, по повод седумдесет и третата годишнина од неговата смрт, со едноминутно молчење, положување на свежо цвеќе и палење на свеќи.
Пригоден говор во чест на поетот одржаа директорот на манифестацијата „Рацинови средби“ Васил Зафирчев, претседателот на Сојузот на борци на град Велес Саздо Кицевски и командирот на Противпожарната единица на град Велес Љупчо Лепидовски. Ученик од кичевската гимназија ги изрецитира стиховите на песната „Денови“ од Рацин.
Денешната посета на Лопушник е последна програмска активност на 53-тите „Рацинови средби“ и само продолжување на традицијата на манифестацијата со која се чествува името, ликот и делото на големиот Рацин./С.А