Анѓелко Палашов, најзначајниот велешанец за развојот на библиотекарството во Велес и во државата
Во текот на првата половина на 19 век побогатите велешки трговци започнале да ги праќаат на школување своите деца во странство. Користејќи ја моќта на парите тие ги користеле своите веќе воспоставени трговски врски со Солун, Пешта, Будим, Беч, Белград, Одеса, Софија, Москва, Цариград итн.
Целта била да се научат странски јазици, но и да се стекне знаење за трговијата, економијата, како и културата на земјите со кои се тргува, за полесно да се комуницира.
Така и Анѓелко Палашов бил испратен од својот татко, познат велешки трговец со жолт сахтијан, да се школува во Пешта. За Анѓелко нема точни податоци кога е роден, но се знае дека најпрво завршил грчко училиште, а потоа бил испратен во Земун да се школува. Тој добро го научил српскиот и германскиот јазик, а се знае дека во 1845 година поседувал свој, сопствен печат, кој бил одлика на учените луѓе и оние кои се занимаваат со трговија.
За Анѓелко Палашов за прв пат постојат податоци во 1827 година кога во Будим е издадена книгата ,,Сочиненија Песнословска“ од Јоана Пачич, а потоа и книгата ,,Карактеристика и описание народа по целој земљи “ каде како претплатници се јавуваат двајца велешани – Хаџи Јанко и Анѓелко Палашов .
Наредната, 1828 година, Вук Караџиќ ја печати во Будим книгата ,, Милош Обреновиќ“, а како единствен претплатник од Велес се јавува Анѓелко Палашов.
Една година подоцна, во Пешта и Лазар Лазаревиќ ја објавува книгата ,,Владимир и Косара“, драма во 3 чина. Како претплатник од Македонија се споменува Анѓелко Палашов од Велес и тоа како ,,голем љубител на книжевноста наша..“ Интересно е дека како земја од која потекнува Палашев пишува: ,, Мака донској“. Сличен запис постои и на книгата од Т.Лазаревиќ ,, Цвеќев “ издадена во Будим во истата година каде претплатникот Анѓелко Палашов се потенцира дека е од ,,Велес у земљи Македонској“ додека како претплатници на книгата на Доситеј Обрадовиќ ,,Писма“ се евидентирани Анѓелко Палашев и Наум Босилков од Велес.
И за испечатената книга „Словенска граматика“ на Георгие Захаријадис во Будим во 1823 година како претплатници ,, од градот Велес у Мака донској“ се појавуваат Анѓелко Палашов, Јован Хаџи Ѓоргов, Михаил Х. Панов и Ангел Зафиров.
Името на овој наш сограѓанин Анѓелко Палашов, всушност се споменува во повеќе списи како,, голем претплатник и трговец од Велес во Македонија“.
И така се до 1833 година кога за прв пат веднаш до името и презимето на Палашов е запишано ,,основатељ Библиотеке у вароши Велес у Маќедонији“ и тоа за книгата на Исидор Стојановиќ ,,Наравоучитељние басне“ печатена во Будим. Ова е многу значаен податок, бидејќи се дознава дека првата Библиотека во Велес веќе започнала со работа.
Една година подоцна, во Солун, дојранчанецот Теодосиј Синаетски ја отпечатил многу значајната книга ,,Служение јеврејског“. Од 282 претплатника дури 145 биле од Велес и 3 од Башино Село што укажува дека економската моќ на велешани била голема, а секако тоа бил предуслов за духовно и просветно воздигнување на велешкото граѓанство.
Во 1840 година кога во Москва е издадена книгата ,,Петочесление според памјатников христијанских“ неа ја нарачале вкупно 22 угледни велешани. Интересен е и податокот дека 48 примероци од книгата нарачал манастирот ,,Св. Јован Ветерски“ од селото Сопот, кај Велес додека во преводот од руски јазик на книгата ,,Православно Учење“, издадена во Цариград во 1844 година, се споменуваат 11 претплатници, велешани и двајца од Башино Село.
Кога монахот Натанил, идниот митрополит охридски, од скопското село Кучевиште, ја превел и издал книгата ,,Зрцало или огледало христијанско“ тој запишал дека од град Велес имал 9 претплатника а за книгата ,, Месечеслов или вечен календар“, (Белград , 1857 г.) имало четири претплатника од Велес и тоа : Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Трајче Поп Арсов, Стојан Богданов и Јанко К. Соларов .
Од овие записи се дознава дека велешани постепено станале големи љубители на литературата и се труделе да бидат во тек со балканските литературни текови. Во Велес се читале книги и станала реалност потребата за формирање на библиотека.
Заслугата за формирање и опстојување на библиотека, прва во Велес и Македонија , секако му припаѓа на Анѓелко Палашов, но тоа не би можел да го оствари да ја немал поддршката на читателската публика.
Информациите говорат дека библиотеката опстојувала долго време. Но, непознато е што станало со библиотечниот фонд по смртта на Палашов.
Менувањето на власта,земната и духовната (српска, бугарска, грчка), довело до уништување на многу книги, кои биле изнесувани, забранувани, уништувани и палени. При тоа се изгубени доста вредни и значајни изданија на ретки примероци на книги, кои претставувале уметничко и образовно богатство за Велес.
Помеѓу двете световни војни постојат податоци дека многу велешки фамилии имале свои, домашни библиотеки со големо богатство на книги. Познати биле библиотеките на семејствата на Хаџи Панзови, Ѓоргови, Фирфови, Шоптрајанови, Весови и Киркови.
Своите потреби од литература и белетристика, велешкиот поет Кочо Рацин ги задоволувал од богатата библиотека на учителот Никола Вујиќ, татко на неговата пријателка Невенка Вујиќ, за кого велел дека има ,, полна соба со полици и шифоњери со книги“.
Да додадам дека ,,Грацката библиотека Гоце Делчев“ е формирана како посебен субјект во 1946 година со Одлука на Народниот одбор на Општина Титов Велес. Иако библиотека во Велес постоела и пред војната и располагала со книжевен фонд од 4 до 5000 единици, за време на војната тој фонд е скоро уништен и неупотреблив. Долги години библиотеката работеше на плоштад ,,Сармаале“, во просториите на познатата градска кафеана ,,Атина“, за во 2008 година да биде префрлена во зградата на поранешниот Пионески или култниот „Младински“ дом.
Моментално е во тек процедурата за изградба на нова, посебна зграда на библиотеката во Младинскиот парк во Велес, со која конечно институцијата ќе добие соодветно, сопствено место и адекватно на потребите од простор.
Велешани се љубители на книги и тоа секојдневно го докажуваат. Тие се засегнати поради моменталното не работење на библиотеката поради состојбата со короновирусот но, верувам дека наскоро ќе ги отвори своите врати и повторно на ужавателите ќе им го стави на располагање солидниот книжен фонд.
Дотогаш, вам почитувани сограѓани, ви порачувам да го користите секој момент да читате книги, да се надградувате и облагородувате. Особено ова важи за млите сограѓани на кои им порачувам: „ Читањето на книги е основа на образованието, се збогатува речникот, се стекнува знаење и најмногу од се` – се штити и зачувува мајчиниот јазик“. Затоа – читајте книги!!“
Вашиот хроничар
Љупчо Данов