Промовирана книгата „Турцизми во македонскиот јазик“ на Прим д-р Борислав Гајдов (ФОТО)
Од осум илјади зборови, турцизми, што вредно почнал да ги запишува како гимназијалец додека ги употребувале во велешкиот говор и дијалект најблиските во семејството на Прим д-р Борислав Гајдов потоа неговите другари , пријатели и роднини за потоа да продолжи со евидентирање и на пошироката територија на штотуку формирана Република Македонија по Народно ослободителната војна се состои книгата „Турцизми во македонскиот јазик“.
– Тенденција на современите македонисти и лингвисти е да се исфрлаат турцизмите и да се употребуваат соодветни заемки но во одредени состојби од литературата многу поефектно е кога се користи некој турцизам. И тоа беа мотивите на мојот почитуван другар д-р Борис Гајдов да се зафати со овој предизвик и за неколку години да ја напише книгата што сега е издадена и има интерес меѓу стручната јавност и граѓаните. И јас кога ја имав книгата во раце се потсетив на безброј турцизми што ги слушав од дедо, баба, родителите, соседите посебно од велешките занаетчии со кои многу време поминував кога бев млад и живеев во Велес. И имињата на занаетите беа турцизми па дури и производите што тие ги произведуваа, рече арх. инг Стефан Ѓорчев. Тој е пријател на д-р Гајдов и почитувач на лингвистиката и македонистиката.
Книгата „Турцизми во македонскиот јазик“ на Прим д-р Борислав Гајдов беше промовирана во неговиот роден Велес. На промоцијата во локалната библиотека „Гоце Делчев“присутните велешани, соученици на Гајдов и Ѓорчев од гимназиски денови, семејствата, поранешни просветни работници и граѓани од турска националност Ѓорчев ја пренесе рецензијата на проф. д-р Светлана Дафкова од Институтот за македонски јазик.
Професорката за книгата напиша дека претставува редок повеќегодишен труд на собирање зборови од Велес и Велешко, содржи интересни податоци од историски настани, географски поими, археолошки локалитети, имиња на занаети, алатки, орудија, оружје, градинарски и земјоделски култури, имиња на животински и растителен свет, разни јадења, зачини и кујнски садови, градежни материјали, песни, музички инструменти и обичаи.
Велешкиот истражувач и хроничар Љупчо Данов на промоцијата истакна како согледал дека всушност обајцата ја работат истата работа, тој копа по архивите и историјата, а Гајдов копа по македонскиот јазик барајќи и запишувајќи ги зборовите што се прифатени од турскиот јазик.
– Јас најдобро знам каква макотрпна работа, ентузијазам, непроспиени ноќи и упорност е потребно за на едно место да соберете толку зборови, да ги запишете и појасните. Тоа го можат само луѓе со огромна љубов кон работата на која и се посветиле. Велат дека човек е богат онолку колку што јазици зборува. Тоа е вистина! Имав среќа да сретнам во Турција една жена која докторираше турски јазик на тема: „Влијанието на јазиците на народите кои биле под Османлиска Турција врз турскиот јазик“. Тоа е нешто обратно од ова што доктор Гајдов го запишал, но е многу значајно за нас Македонците, бидејќи во турскиот јазик постојат и многу изрази и зборови кои Турците ги превзеле токму од нас!Особено бев изненаден и безмалку среќен што во Турција насекаде и секогаш среќавам луѓе кои со генерации се присутни таму, но со гордост кажуваат дека тие или нивните семејства потекнуваат од Македонија, од Велес, од Врановци. Иако веќе 3-4 генерации се родени таму, тие би рекол „наши“ Турци, со радост констатирам дека многу од нив перфектно го владеат македонскиот јазик, ја знаат и разбираат македонската традиција и ги знаат и пејат македонските народни песни. Тие се горди на тоа, рече Данов.
Ова е девета книга на психијатарот Прим д-р Борислав Гајдов. Неа ја издаде издавачката куќа „Тримакс“ и многу веројатно е дека ќе биде преведена како и издадена во Турција. Авторот поради болничко лекување не присуствуваше на промоцијата на книгата во Велес. Негова замена беше синот./У.Ј