Промоција на аудио книгата „Бели мугри“ по повод 79 годишнината од излегувањето на истоимената стихозбирка на Кочо Рацин
Одбележувајки го 25 ноември, денот кога пред 79 години во Самобор во Хрватска, излезе од печат стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин, Локалната библиотека „ Гоце Делчев“ и Здружението на слепи лица на Општина Велес ја промовираа аудио книгата „Бели мугри“.
Издавачите тоа го сторија самостојно, со волонтерска работа и практично без буџет. Тие од аудио книгата „Бели мугри“ имаат големи очекувања од аспект на полесен пристап на поезијата до слепите лица. Исто така дигиталното издание на ова значајно книжевно дело ќе биде трајно зачувувано во книжевните архиви.
„Од друга страна, во овој формат, книгата е и полесна за промоција, дистрибуција, популаризација и станува полесна за консумирање од страна на читателите“, рече директорот на велешката библиотека Игор Крајчев.
На настанот и промоцијата на аудио книгата „Бели Мугри“што денеска се случи во библиотеката во Велес присуствуваше група писатели од Друштвото на писателите на Македонија, поточно Христо Петрески, Весна Мојсова Чепишевска, Кристина Николова, Санде Стојчевски, Весна Ацевска, Митко Спасовски, Фросина Пармаковска, Елизабета Бандиловска кои заедно со домаќинот Игор Крајчев читаа свои стихови и оддадоа почит кон Рацин и неговото безвременско и антологиско дело.
На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски./У.Ј