Честитки и Признание за велешките Хероини на денот на жената од младите на Фондација „Фокус“
08.03.2021
Две Признанија и 84 честитки за медицинските сестри и лекарки од Инфективното одделение на ЈЗУ Општа болница и Здравствен дом Велес изработија членовите на Клубот на млади на Фокус . Признанијата и честитките ја содржат пораката: „Вие сте нашите Хероини“. Со цел признанијата да бидат благодарност за се што здравствените работнички сторија во изминатата година кога несебично ги изложуваа своето здравје и животи во справувањето со тивкиот убиец поточно вирусот „Ковид-19“ денеска тие се веќе врачени на двете јавни, здравствени служби.
На примопредавањето Игор Стојков од Клубот на млади на Фокус им го честиташе 8 Март – Денот на жената со зборовите:
-Причината за тоа што нашите родители, баби и дедовци а исто така и ние сме здрави сте вие, вашата заложба и надчовечки вложен напор во измината година. За ова сме ви неизмерно благодарни. Овие Признанија поставете ги во вашиот работен простор а честитките поделете ги на секоја од вас бидејќи се изработени со голема љубов, почит и благодарност. Бидете и понатаму храбри и пред се здрави затоа што многу ни требате. А ние ќе ги почитуваме вашите препораки за да придонесеме за што помал број на заразени членови на нашите семејства и помалку работа за вас, рече Стојков.
Овие зборови предизвикаа по некоја солза во очите на медицинските сестри и лекарки. Зборовите како и епитетот „Хероини“ ги трогна жените облечени во медицинска униформа. На тоа тие возвратија со зборовите:
-Mногу сме среќни и возбудени. После цела година борба со корона вирусот сме и изморени. Многу ви благодариме . Не ни очекувавме токму на овој ден да се сетите на нас но ова е убаво чувство. Ви благодариме од име на целиот колектив и сите што сме вклучени во борбата со Ковид-19. Се надеваме што поскоро да излеземе од оваа ковид ситуација и мораме да се придржуваме на светото тројство: држење дистанца, носење маска и хигиена. Тоа е тоа што мораме да го правиме, рече д-р Снежана Бисинова инфектолог на Инфективно одделение во велешка болница.
Одделенската сестра Билјана Стојанова во знак на благодарност на претставниците на Клубот на млади Ивана Мирчевска, Макфире Ахмедова и Игор Стојков им подари ружи.
-Пресреќни сме. Благодарм на Признанието и се надевам дека во иднина ќе ја оправдаме довербата која ја имате во нас од името на колективот на Итна медицинска помош на ЈЗУ Здравствен дом Велес. Нашата препорака е: Младите да го користат сонцето но да ги почитуваат здравствените мерки и препораки, рече д-р Васе Пановска Поп Стефанова раководител на Служба за Итна медицинска Помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Младите им ветија на здравствените работнички дека ќе бидат внимателни и нема да дозволат да бидат причина за зглемен број на заболени сограѓани од коронавирус во Велес.
Убавка Јаневска