Просечната цена на iPhone 8 ќе достигне 753 долари
Јубилејниот iPhone 8, со кој Apple ќе ја одбележи 10-годишнината на својот предводник, ќе чини до 1.000 долари, како резултат на подобрувања како OLED екран, безжично полнење, 3D камера и дури функции за додадена реалност (AR). Затоа аналитичарите очекуваат просечната продажна цена на iPhone во следната година да се зголеми.
Кети Хубер, аналитичар во Morgan Stanley, прогнозира просечна цена од 753 долари за iPhonе во 2018 година, додека порано очекувањата беа за 675 долари. Зголемувањето се објаснува со високата наводна цена на iPhone 8, како и со скапиот iPhone 7 Plus, кој чини околу 100 долари повеќе од стандарден iPhone 7.
Покрај тоа, се очекува Apple да пушти во септември оваа година подобрени модели на iPhone 7 и iPhone 7 Plus, кои ќе бидат поскапи од своите претходници. Сите овие очекувани настани ќе доведат до пораст на просечната продажна цена на iPhone до над 750 долари.
Според една неодамнешна студија, пенетрацијата на iPhone достигнала рекордно високи нивоа во САД. Податоците покажуваат дека Американците активирале 85,8 милиони уреди iPhone, од кои 15% се iPhone 7 Plus. Ова укажува дека околу 70 милиони сопственици на iPhone 6 и постари модели може да ги обноват своите смартфони во 2017 и 2018 година.