Јапонски научници работат на „воскреснување“ на праисториски мамути
Последниот влакнест мамут угина пред повеќе од 4.000 години, но праисториските џинови никогаш не беа заборавени, благодарение на археолозите кои ги пронајдоа нивните остатоци. Мамутите би можеле повторно да се вратат на Земјата, доколку научните експерименти се покажат како успешни.
Научници од Јапонија тврдат дека направиле голем чекор кон оживување на мамутите – изумрен вид на животно кое нема директен потомок. Тие направиле трансплантација на клетки земени од остатоци од мамут и ги ставиле во глушец, а потоа кај глушецот биле забележани позитивни биолошки активности.
Клетките беа земени од 28.000 години стар мумифициран труп на влакнест мамут, наречен Јука, кој беше пронајден на Сибир во 2010 година. Животното, кое умрело кога имало само седум години, е еден од најдобро зачуваните примероци на мамут за кои знаеме дека постојат.
Тимот научници извади примероци од ткива од мускулите и сржта на животното, кои ги опиша како „добро сочувани“. Потоа, тие одвоија клеточни остатоци за потребите на експериментот и ги ставија во матката на женка-глушец со цел да се формира јајце-клетка.
Значајните оштетувања на клетките извадени од мамутот придонесоа кон неуспешниот втор чекор од експериментот – практично оплодување на јајце-клетката, но научниците и понатаму се оптимисти дека клетките од ова праисториско животно можат да се реконструираат и регенерираат.
„Имаме долг пат пред нас, но ова претставува значаен исчекор напред во полето на оживување на мамутите. Сакаме да продолжиме со проучување на клетките и остатоците, бидејќи веруваме дека ова откритие може да биде уште поголемо доколку успееме да ги регенерираме клетките“, изјави Кеи Мијамото, главниот автор на истражувањето.
Последната популација на влакнести мамути живеела на Земјата пред 4.000 години, отприлика во истиот период кога се изградени пирамидите во Гиза, Египет. Не постои научно објаснување за изумирањето на мамутите, но постојат податоци дека климата на Земјата едноставно не била на нивна страна, покрај тоа што тие постојано биле мета на ловци од човечкиот род.