Годинешнава зима на Арктикот е најтопла со рекордно висока температура
На Арктикот оваа зима е забележано рекордно висока температура, барем за пет степени повисока од просекот, што ги изненади научниците.
Нивото на морскиот мраз на Арктикот е рекордно низок за овој период од годината. Научниците се доста загрижени, бидејќи во тој регион, како резултат на климатските промени, забележана е најтоплата зима во историјата на мерењата.
„Тоа е едноставно лудо“, истакнува Марк Серез, директор на Националниот центар за податоци околу снег и мраз во Колорадо, кој го проучува Арктикот од 1982 година.
Тој тврди дека никогаш не видел ништо како ова што сега се случува во северната поларна област.
Експерти сметаат дека високата температура во оваа област е дел од циклусот, кој го предизвикал глобалното затоплување. Друг дел од тој процес се страшните невремиња, кои неодамна правеа хаос во Европа и делови од САД.
Најсеверната мерна станица, на самиот раб на Гренланд, во февруари забележа 60 часа во текот на кои температурата постојано ја минувала нулата и се движела кон плусот.