Рудари во потонат брод пронашле злато вредно 11,5 милиони евра
Рудари кои ископувале дијаманти на африканскиот брег наишле на остатоци од брод преполн со злато и монети вредни 11,5 милиони евра.
Бродот „Добриот Исус“ за прв пат го откриле геолози на брегот на Намбија во близина на градот Оранјемунд во април 2008 година. Тој португалски брод испловил од Лисабон во 1533 година под командата на капетанот Франциско де Нороња, а потоа на патот кон Индија исчезнал заедно со целиот екипаж.
Бродот го пронашле рудари кога го исушиле вештачкото солено езеро во близина на Брегот на скелетите каде што веќе биле пронајдени многу остатоци од други бродови, но овој брод бил најстариот и првиот кој бил преполн со злато и слонова коска.
Рударите не го пронашле веднаш богатството кое било скриено во бродот. Прво ги откриле необичните парчиња дрво и метали на плажата, а потоа и остатоците на бродот закопани под песокот. Дури шестиот ден ги пронашле ковчезите полни со злато.
На бродот биле пронајдени и бакарни шипки, слонова коска, португалски, шпански и венецијански златници и сребрени монети, оружје, вклучувајќи и мечеви и ножеви, бронзени садови, облека и скелети.
Рударите пронашле и компаси и археолошки алати. Археологот Дитер Ноли рече дека владата на Намбија ќе го задржи златото.
– Тоа е нормална процедура кога ќе се пронајде брод на плажа. Единствениот исклучок е ако бродот е државен, тогаш државата под чие знаме пловел ја превзема целата пронајдена содржина. Во овој случај, бродот му припаѓал на португалскиот крал, што значи дека бродот бил државен и дека сè на него ѝ припаѓа на Португалија. Но, португалската влада многу дарежливо се откажа од тоа право, допуштајќи ѝ на Намбија да го задржи пленот – раскажа Ноли.
Извор: Плусинфо.мк