Мартинка долга 17 километри од Гинис пристигна на меѓународна изложба во Скопје
Мартинка долга 17 километри, која што е запишана во Гинисовата книга на рекорди, вчера беше изложена во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, како дел од меѓународната изложба на мартинки што ја организира Центарот за научно истражување на промоција на културата „Хаемус“ од Скопје во соработка со културни институции од Бугарија, Романија и партнери од Србија.
Изложбата беше отворена вчера во трговскиот центар „Сити мол“ и ќе трае до 9 март. Една од причините да се организира настанот е меѓународната апликација до УНЕСКО да се признае традиционалниот украс, мартинка како нематеријално културно наследство и ја подготвуваат здруженија од Македонија, Бугарија, Романија и Србија.
Мартинката за Гинис лани на 1 март ја изработија бројни граѓани на плоштадот во бугарскиот град Видин и денес е дел од поставката во Етнографскиот музеј на Видин. Освен мартинката за Гинис, посетителите на изложбата во Скопје ќе можат да видат многу други рачно изработени мартинки и амајлии од Македонија, Бугарија и Романија, како и ракотворци кои ќе ги изработуваат на самото место. Во рамки на изложбата ќе се организираат и базар на ракотворби, видео проекции на документарни филмови, креативни работилници, а ќе може да се видат и панели на неколку јазици на кои се објаснети обичаите поврзани со Денот на Баба Марта во повеќе земји.
По завршувањето на настанот во Скопје, патувачката изложба на 11 март ќе се пресели во градот Видин во Бугарија, на 15 март ќе биде отворена во романскиот град Бузау, а потоа ќе шета низ Балканот по неколку други музеи и институции.
– Мартинките се еден од симболите на културниот идентитет на македонскиот народ во кој ги вградил својата историја, верувања, традиција и култура. Но, истовремено, мартинките се дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. Токму поради ова и се трудиме да ги зачуваме и да ги негуваме во духот на традицијата, така што се надеваме дека оваа година мартинките ќе станат нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО – вели Василка Димитровска, претседателка на „Хаемус“.
Обичајот за плетење и подарување мартинки е поврзан за првиот ден од месецот март и е карактеристичен за повеќе балкански држави како што се Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија. На овој ден луѓето си подаруваат плетени амајлии од црвен и бел конец кои се носат на раката или закачени на облеката и за кои се верува дека ги штитат оние што ги носат. Мартинките се подаруваат на блиски луѓе и се носат се додека не расцвета првото дрво или додека оној што ги носи не го види првиот штрк или ластовичка. Потоа мартинката се става под бел камен или се закачува на некое дрво пропратена со желба за радост, среќа или љубов.
Извор: Плусинфо.мк