Форензичарите ја анализираат причината на смртта на чилеанскиот Нобеловец Пабло Неруда
Меѓународен тим на форензичари ќе ги анализира посмртните остатоци од чилеанскиот Нобеловец и поет,Пабло Неруда (1904-1973), за да се утврди точната причина за неговата смрт, соопштија светските медиуми.
Познатиот поет починал по државниот удар во 1973 година кој го предводел генералот Августо Пиноче и се шпекулирало дека Неруда бил отруен од агентите на десничарската диктатура.
Есхумацијата на неговите посмртни останки е спроведена во 2013 година, но токсиколошките анализи не покажале траги од отровни агенси во коските.
Наспроти тоа, Владата во Чиле соопштила во 2015 година, дека е „можно и многу веројатно трета страна да е одговорна за смртта за Неруда“.
Остатоците од неговите коски и заби ќе бидат анализирани во ДНК центарот на канадскиот универзитет „Мек Мастер“ и на одделението за судска медицина во Копенхаген. Панел на стручњаци ќе се фокусираат на пронаожање на патогени бактерии кои можеле да доведат до смртта на познатиот писател, што ќе помогне да се разреши мистеријата стара 40 години.
Се претпоставувало дека Неруда, еден од најголемите поети на љубовна поезија, кој бил познат и по своите цврсти комунистички ставови, починал од рак на простата само неколку дена по воениот удар на 11 септември 1973 години, кога од власта бил симнат социјалистичкиот претседател Салвадор Алјенде и воспоставена била диктатурата на Августо Пиноче.
Се смета дека во текот на 17-годишната диктатура биле убиени 3.000 луѓе.
Извор: Плусинфо.мк