Мартинки: Што означуваат и зошто се носат ?
01.03.2021
Кога станува збор за дарувањето, на балканските простори постои една многу стара и многу убава традиција на дарување и посакување здравје, среќа и убавина – преку дарување и размена на прекрасните црвено – бели амајлии, кои кај нас се најпознати под името мартинки.
Мартинката многумина ја сметаат како знак за доаѓање на пролетта.
Во повеќето краишта на Македонија овие амајлии се нарекуваат мартинки или марти, а во Мијачијата се познати како моњаци, м`лњаци или мањаци. Според традицијата, мартинките вообичаено се изработуваат на денот пред Први март (Денот на Баба Марта) или пред изгрејсонце на самиот празник. Најчесто се изработувале од волнена преѓа, но и од сурова волна која се собирала од плотовите, грмушките и други места каде што ќе минеле овците, а понекогаш се употребувал и памучен или свилен конец. Во Галичник на мартинката се нанижувала и продупчена сребрена или златна паричка и таквата амајлија се нарекувала нижаљка.
Мартинките најчесто се носат на раката како бразлетна, но и на вратот, реверот на палтото, а во Галичник девојчињата на кои не им биле дупнати ушите си ги украсувале и своите уши со мартинки.
Како што е случајот со сите амајлии, и за мартинките се верувало дека се најефикасни во својата намена ако се изработени лично од личноста која подарува или ги носи. Се носеле за здравје, убавина, за децата да бидат бели и црвени како испреплетените црвени и бели конци, како магија против каснување од змии, заштита од молњи, а во некои случаи се испреплетувале и црвено-црни конци како заштита од вампири и демони.
Мартинките најчесто се носат додека да се види првата ластовица или штрк и се закачуваат на првото расцветано дрво, при што се посакува здравје и среќа за себе и најблиските.
Почетоците на оваа традиција не можат со сигурност да се утврдат. Некои сметаат дека сме ја наследиле од древните Тракијци, други пак ја доведуваат во врска со древномакедонскиот празник Ксантика. Во секој случај се работи за претхристијански обичај, кој несомнено е поврзан со повторното будење на пролетта (особено ако се има предвид дека кај старите Римјани годината започнувала во месецот Март, а истиот месец старите Словени го славеле празникот кој кај нас се зачувал под името Летник).
Црвениот конец ја симболизира крвта и плодноста, а белиот чистотата и невиноста. Нивната испреплетеност пак го симболизира испреплетувањето на машкото и женското начело, со што се цели кон магиско обезбедување на плодноста во текот на годината.
Мите Јаначков