Средновековен замок „лебди“ над водата во Англија
Популацијата на Планината на Свети Михаил вклучува и осум деца кои секој ден го минуваат морето за да отидат на училиште.
Повеќето луѓе имаат слушнато за карпестиот остров Мон Сен Мишел во Франција, но малкумина знаат дека по неговиот урнек е основана иПланината на Свети Михаил (остров) во Англија. Двете туристички атракции го носат името на светиот Михаил, еден од најзначајните светци во средниот век.
Според легендата, на Планината на Свети Михаил во 495 година се појавил ангел кој спречил чамец на локалните рибари да удри во карпа. По норманските освојувања во 11. век, Бенедиктинците, кои управувале со Мон Сен Мишел, исто така, ја надгледувале и провинцијата Корнвол, на која и припаѓа Планината на Свети Михаил. Црквата ја изградиле во 1135 година, а Планината на Свети Михаил во 1414 година повторно потпаднала под британска власт.
На неа денес живеат 23 жители кои се грижат за тврдината. Популацијата вклучува и осум деца кои секој ден го минуваат морето за да отидат на училиште. Како споредба, во текот на 19. век, во селото на брегот на морето живееле повеќе од 300 жители.
На Планината на Свети Михаил се наоѓа и раскошна градина, за која се плаќа посебен билет. Иако туристите од оваа причина ја избегнуваат посетата, Би-би-си наведува дека тоа е голема грешка. Во градината растат голем број егзотични видови кои вообичаено можат да се видат само во потоплите краишта, како Јужна Африка, Мексико или Медитеранот. Нивниот раст го овозможува топлата голфска струја.
Најважната атракција секако е замокот. Во екот на секуларизацијата на манастирите, процес што го спровел Хенри Осми, во 1548 година последните неколку монаси го напуштиле островот. Нивниот манастир останал јадро на тврдината на која во 16. век и било додадено уште едно крило, додека кулите биле зголемени во 17. век.
До Планината на Свети Михаил може да се стигне пеш, преку насипот поплочен со калдрма, или со брод каде билетот чини две фунти.
Извор: Плусинфо.мк