Бугарките ја отворија сезоната на џебни кражби во Белград
Во изминатите десет дена белградската полиција поради џебни кражби привела десетина бугарски државјанки.
Припадници на српскиот Сектор за сузбивање на џебни кражби во изминатата година уапсиле 71 крадец, од кои 22 биле бугарски државјанки.
Средени и дотерани, како тукушто да излегле од трендовски кафулиња, две девојки се движат низ трговски центар, разгледуваат излози и комуницираат. Се чини како да размислуваат единствено на бутици и шопинг. А тие всушност ѕиркаат во чантите на минувачите. Брендови ни на крај памет не им доаѓаат. Внимателните посетители на трговските центри и сериозните набљудувачи можат брзо да ја утврдат нивната главна цел – да ја вовлечат раката во нечија чанта или паричник и да извлечат пари.
Овие добро облечени девојки со скапи мобилни телефони во рацете, а кои по својот изглед и однесување генерално не се разликуваат од другите жени, вршат џебни кражби и најчесто доаѓаат од Бугарија.
Во изминатите десет дена белградската полиција поради џебни кражби привела десетина бугарски државјанки. Според полицијата, зголемениот број на „сосетки“ кои оперираат низ престолнината не е новост.
Постојат две причини поради кои тие се занимаваат со овој вид „туризам“ во Белград.
– Првата причина е што Србија им е блиску и многу лесно можат да влезат во земјата, а втората затоа што и да бидат уапсени, не се сериозно казнети. На нив им се нуди можноста за одложување на кривично гонење, што подразбира дека за некои дела може да се плати одреден паричен износ, доколку се признае вината. Во тие случаи обвинителството се откажува од кривично гонење и обвинетите остануваат чисти пред законот. Постои можност и да бидат протерани од земјата на неколку години без плаќање казна – објаснува Александар Митровиќ, раководител на Секторот за сузбивање на џебни кражби.
Во двата случаи се чини дека „профитот” што го остваруваат е поголем од ризикот да бидат уапсени, но исто така и трошоците што треба да ги платат за патување и престој во српската престолнина. Според некои претпоставки, се чини дека тие крадејќи од џебови на едно влегување во Србија „заработуваат“ и по неколку илјади евра.
– Доаѓаат по две-три во екипа. Тоа се девојки и жени кои во Бугарија живеат во периферијата на градот. Се случува да пристигнат во придружба на сопрузите. И додека тие „оперираат“ во градот, нивните мажи седат по кафулиња. Мажите воопшто не вршат џебни кражби, туку само надгледуваат што прават нивните жени – објаснува Митровиќ.
Врз основа на полициски истражувања утврдено е дека многу од жените се купени уште како девојчиња и тоа за околу 5.000 евра.
Повеќето Бугарки кои вршат џебни кражби не изгледаат како да доаѓаат од сиромашни средини, туку потсетуваат на добро ситуирани девојки. Како и сите џебни крадци, и тие работат таму каде што голем број луѓе – во трговските центри, во јавнниот транспорт, во близина на автобуските и железничките станици, пред храмот Свети Сава, на улица „Кнез Михајлова“, на Плоштад Република, итн.
– Неодамна пред храмот Свети Сава неодамна се уапсени четири, пет бугарски државјанки. Тоа место е идеално за нив – таму пристигнуваат автобуси со туристи, а доаѓаат и пациенти од околните болници. Главно тоа се луѓе од внатрешноста, кои не очекуваат да бидат ограбени. Многу од нив се болни и изнемоштени, а крадците тоа вешто го препознаваат. Тие ја користат човечката ранливост и опуштеност за полесно да ја извршат кражбата – вели Митровиќ.
Тој истакнува случај во кој Бугарка е уапсена кај храмот Свети Сава откако се обидела да ограби германски турист. Кога не успеала во својот обид, почнала да следи една баба на која и го украла паричникот. Во тој момент била и уапсена.
Најмногу џебни кражби, според Митровиќ, се вршат на улица „Кнез Михајлова“ и околу неа и на Булевар крал Александар.
– Мета на кражбите на „Кнез Михајлова“ не се само нашите граѓани,туку и стгрански државјанки, Американки, Израелки, Русинки. Освен пари и платежни картички, најчесто им гикрадат пасошите – вели Митровиќ.
Бугарките кои вршат џебни кражби знаат каде треба да крадат бидејќи многу од нив биле во Белград и по неколку пати.
– Најбројни се околу Нова година и Божик, за 1 Мај, за време на матурските прослави, главно додека трае школската година. Од средината на јули ги има, но во помал број, бидејќи како и сите други џебни крадци, се селат на приморје – објаснува Митровиќ.
Извор: Плусинфо.мк