Најголемиот розов дијамант продаден за рекордни 31,56 милиони долари!
Најголемиот светло-розов брусен дијамант на светот е продаден на аукција за рекордни 31,56 милиони долари, соопштила во Женева аукциската компанија „Сотби’с“. Две лица се бореле телефонски пред 150 конкуренти на аукцијата во еден луксузен хотел во Женева.
– Ова е нов рекорд за розов дијамант, тоа е најголемата цена досега – изјавил шефот на одделението за накит во „Сотби’с“, Дејвид Бенет, наведувајќи дека купувачот е од Азија.
Дијамантот од 15,38 карати, поставен на прстен, „Сотби’с“ го проценил на помеѓу 28 и 38 милиони долари, нарекувајќи го „посебен“.
Најден бил пред една година во рудник во Јужна Африка, а го брусела компанијата „Кора интернешенел“ од Њујорк.
Каменот наречен „Единствен розов“ има сертификат од Американскиот Гемолошки институт, со што е потврдено дека има најпосакувана нијанса на розова боја и “неспоредлива бистрина”.
Од сите дијаманти кои годишно ги проценува ГИА, само три проценти имаат највисока оценка на бојата и помалку од пет отсто од нив се розови, а само мал број од тие пет отсто имаат врвна бистрина.
Меѓутоа, рекордната цена по еден карат за розов дијамант, ја држи еден дијамант од пет карати, продаден во Хонг Конг во декември 2009 година, за 10,8 милиони долари, или 2,15 милиони по карат.
Извор: Плусинфо.мк