Македонци се борат за главната награда на НАСА
Четврта година по ред, „Њуменс бизнис акселераторот“ успешно го организира натпреварот „Спејс апс челинџ“ на НАСА, кој и оваа година ги обедини сите млади креативни умови на едно место, кои во период од 48 часа континуирана работа креираа инспиративни решенија за глобални предизвици кои ги постави Американската вселенска агенција.
Еден од тимовите победници во Скопје во категоријата „Избор на публиката“ – тимот Авис, со своето иновативно решение успешно ја помина претселекцијата од врвни експерти од НАСА и успеа да се пласира помеѓу најдобрите 25 тимови на светско ниво.
Во моментот се прв тим според гласовите на публиката, но потребна им е нашата поддршка за да победат и да присуствуваат на лансирање на ракета во „Кенеди спејс центарот“ на НАСА, се наведува во соопштението.
Гласањето ќе биде отворено до недела, 15 мај, а за нив можете да гласате на следниот линк: http://bit.ly/1WWeFKr.
Она што е најинтересно е тоа што тимот е составен од тројца средношколци и еден студент. Тие секоја година учествуваат на овој хакатон, а работите за оваа тематика ги истражуваат од интернет, со самостојно учење од она што ќе го видат или прочитаат како и со помош на менторите во акселераторот.
Нивниот проект се состои од апликација, која што ќе им помогне на обичните корисници на дронови да можат полесно да управуваат со своите летала, да не ги прекршат правилата за летање на конкретната територија и да се доведат во незгода.
Тимот Авис е единствениот тим од регионот што успеа да се пласира на глобалниот натпревар во оваа категорија, а доколку победат ќе имаат можност да го развиваат својот проект во рамки на Европската програма за акцелерирање подготвена во соработка со НАСА и комерцијални компании од вселенската индустрија од САД и Велика Британија и да присуствуваат на лансирање на ракета во „Кенеди спејс центарот“ во Флорида, САД.
Извор: Плусинфо.мк