Семејството на детето со најлонски дрес на Меси го напушти Авганистан
Таткото на петгодишниот Муртаз Ахмади од Авганистан , момчето кое доби потпишан дрес од својот фудбалски херој Лионел Меси, изјавил дека неговото семејство било принудено да ја напушти земјата по постојаните закани преку телефон.
Мохамад Ариф Ахмади, таткото на момчето чија фотографија во импровизиран најлонски дрес на Меси преку социјалните мрежи го обиколи светот, потврдил дека со семејството се преселил во пакистанскиот град Кета, во надеж дека таму ќе изгради подобар живот. Ахмади во телефонски разговор за „Асошиејтид прес“ изјавил дека се плашел дека неговиот син Муртаз ќе биде киднапиран откако станал интернет-сензација ширум светот, бидејќи од кесата со сини и бели пруги направил дрес, со бројот 10.
Како што изјавил тој, животот за нив станал „беден“. Откако со фотографијата во импровизираниот дрес на ѕвездата на Барселона го трогна светот, од фудбалскиот сојуз на Авганистан во февруари оваа година потврдено е дека ќе биде организирано запознавање на малиот Муртаз и Лионел Месо, откако добиле имејл од клубот „Барселона“ за кој игра аргентинскиот напаѓач.
Извор: Плусинфо.мк