Земјотреси, предизвикани од човечка активност, се закана за седум милиони Американци
Земјотреси, предизвикани од вадењето нафта и гас, им се закануваат на седум милиони жители на централниот дел на САД, вчера информираше американскиот Геолошки топографски институт (USGS) во својата прва карта за сеизмички ризици, што се појавени од човековата активност, пренесе ДПА.
Во преработената варијанта на картата на сеизмички ризици во САД, владината агенција првпат ги вклучува и земјотресите поврзани со вадењето нафта и гас, заедно со природните потреси, забележува германската агенција.
Марк Петерсен, шеф на програмата за картографирање во Институтот, изјави дека вклучувањето на податоците за земјотреси, предизвикани од човековата активност, „значително ја засилува генералната оценка на агенцијата за ризикот од земјотреси“.
Регионите на шест јужни и централни американски држави покажале зголемена сеизмичка активност, поврзана со човековата активност, посочуваат истражувачите. Тие оценуваат дека ризикот од штетите што може да ги предизвикаат земјотресите во следната година може да се зголеми за повеќе од еден процент во регионите во Оклахома, Канзас, Тексас, Колорадо, Њу Мексико и Арканзас.
Ризикот во некои делови на Оклахома и Канзас е оценет со 10 проценти и повеќе, што е еквивалент на ризикот од природен земјотрес во познатиот сеизмички регион на заливот на Сан Франциско, посочува ДПА.
Најнаселените региони во ризик ги вклучуваат урбанизираните нафтени зони на Далас-Форт Ворт во Тексас и Оклахома Сити во Оклахома, кои во последните години регистрираат зголемување на сеизмичката активност.
Меѓу 1973 и 2008 година во регионот биле регистрирани просечно 24 земјотреси со магнитуда од 3 или повеќе степени според Рихтеровата скала. Од 2009 до 2015 година просечно годишно земјотресите нараснале на 318, а пикот бил достигнат во 2010 година со 1. 010 потреси.
Истражувачите сметаат дека виновник за тоа е внесувањето отпадни води, добиени при извлекувањето на нафта и гас, во подземните извори, кои предизвикале земјотреси на досега некартографирани делови.
Извор: Локално.мк