Студентка живее во воз, мие коса и пишува семинарски за факултет при брзина од 190 км/час
Кога сите ќе излезат од патничкиот воз и ќе тргнат кон своите домови, Леони Мулер, останува во возот бидејќи тоа е нејзиниот „дом“. Оваа студентка од Германија истакнала дека и се допаѓа таквиот начин на живот.
Во разговор со американските медиуми таа изјавила дека нејзината авантура ја започнала на пролет и тоа откако имала спор со својот станодавец , по што одлучила да се исели од станот.
– Веднаш одлучив дека не сакам повеќе да живеам таму и тогаш сфатив дека всушност не сакам да живеам никаде – изјавила Мулер.
Парите ги вложила во претплата која и овозможува да влезе во било кој воз во земјата бесплатно. Сега Мулер ја мие својата коса во возот и пишува семинарски трудови за факултет при брзина од 190 километри на час. Таа вели дека ужива во слободата која имала прилика да ја искуси по напуштањето на „класичниот“ стан.
– Навистина во возот се чувствувам како дома. Предноста е што може да посетам толку многу пријатели и градови. Тоа е како да сте на одмор цело време – изјавила Мулер.
Целиот живот на оваа 23-годишна девојка е собран во еден мал ранец во кој се наоѓа нејзината облека, таблетот, документите од факултетот и средства за хигиена. Нејзините искуства ја побиваат тезата дека долгите патувања за на работа се убиствени, а истакнала дека е поисплатливо да се живее во воз. Трошоците за претплата изнесуваат 380 долари , додека според нејзините тврдења трошоците за стан ја чинеле околу 450 долари.
– Сакам да ги поттикнам луѓето да ги преиспитаат своите навики и работите кои тие ги сметаат за нормални. Секогаш постои можност отколку што мислиме. Следната авантура е зад аголот под услов да сакаме да ја пронајдеме – истакнала оваа девојка.
Таа признала дека на поголемиот дел од нејзините пријатели им се допаѓа идејата наспроти тоа што сметаат дека е прилично авантурстичка. Нејзиниот живот во воз ќе има и академска цел со оглед на тоа дека сето она од овој крајно необичен експеримент ќе го искористи за пишување на дипломска работа.
Извор: Плусинфо.мк