Линија долга 14.200 километри: Остварен најдолгиот директен лет на светот Дубаи-Окленд
Авионот Ербас А380 кој вчера слета на Нов Зеланд, го оствари најдолгиот директен лет на светот кој постои во патничкиот ред на летање, јавуваат светските медиуми.
Според податоците на индустрискиот вебстајт www.airwaysnews.com, авионот на авиокомапнијата „Емирејт ерлајнс“ без попатни слетувања ја прелетал линијата Дубаи-Окленд (Нов Зеланд) долга 14.200 километри, надминувајќи го поранешниот рекорд на австралиската авиокомпанија „Квантас“ од 13.800 километри на рутата Сиднеј-Далас од 2014 година , пренесува агенцијата „Франц прес“.
Како што наведува порталот, ова истовремено бил лет со најдолго траење, со оглед на тоа што патниците во воздух провеле 17 часа и 15 минути.
Меѓутоа, се очекува овој рекорд да има краток век, бидејќи престојниот лет на „Емирејтс ерлајнс“ од Дубаи до Панама Сити, планиран за крајот на овој месец, ќе трае 17 часа и 35 минути, се додава во информацијата.
Од „Емирејтс ерлајнс“ велат дека тоа ќе биде една од најдолгите авио-линии на светот по оддалеченост.
– Со помош на паметната технологија и доброто планирање, патниците ќе стигнат до своето одредиште за најкратко можно време – се наведува во соопштението на компанијата.
Летот Дубаи-Окленд е реализиран со авион А380, а редовните летови ќе се извршуваат со авион Боинг 777.
Новозеландаскиот министер за сообраќај, Симон Бриџис, изјавил дека директниот лет кој за три часа го намалил сегашното време за патување на линијата Дубаи-Окленд, ја подобрува поврзаноста на Нов Зеланд со остатокот на светот.
Извор: Плусинфо.мк