Невиност – услов за стипендија на колеџ
Градоначалничката на еден град во Јужна Африка им додели стипендии за колеџ на 16 девојкикои се обврзале дека ќе останат девици во текот на школувањето, со цел да ги поттикне другите девојки да се посветат на образованието.
Стипендиите се воведени годинава и им се доделуваат на девојките од областа Утукела во Јужна Африка, пренесува АП, повикувајќи се на изјавата на портпаролот на градоначалничката Џабулани Миконза. Секоја година Кабинетот на градоначлникот во таа област доделува повеќе од 100 стипендии на учениците во средните училишта и на студентите.
Девојките, кои се пријавиле за стипендии врз основа на ветувањето дека ќе останат невини во текот на школувањето, се согласиле и на редовни тестови за да се провери дали се држат до зборот, објаснила градоначалничката на Утукела, Дуду Мазибуко, за локалните медиуми.
Стипендиите ќе бидат доделувани во текот на школувањето сè додека девојките можат да достават документ од тестот на невиност, навела Мазибуко.
Јужноафриканските власти во текот на 2014 година забележале околу 20.000 бремености кај ученичките, меѓу кои 223 девојчиња од основно училиште.
Извор: Плусинфо.мк