Ширењето на Ковид 19 во државата и глобално
Првата активност како превентива против коронавирусот во Македонија беше преземена на 26 јануари, многу пред појавата на првиот случај со корона вирус. Тогаш Комисијата за заразни болести ги препорача првите вонредни мерки со кои започна справувањето со глобалната закана. Еден месец покасно се појави и првиот случај, и мерките станаа ригорозни.
Како се одвиваше динамиката на ширење на коронавирусот?
Можеме ли ние да научиме нешто од земјите во Европа и регионот, или пак другите да го следат нашиот пример. Ние сме една од ретките земји којашто воведе заштитни мерки многу пред појавата на првиот случај.
Низ компаративна анализа на брзината на ширење и реакциите на институциите, станува очигледно колку нема простор за отстапки и колку ригорозните мерки се единственото расположливо решение и борба со пандемијата КОВИД 19.
Кај нас од првите преземени мерки до појавата на првиот случај, измина цел месец, од 26 јануари до 26 февруари кога беа откажани сите јавни собири. Оттогаш, 26 февруари до воведување вонредна состојба на 18 март, бројот на инфицирани за 21 ден се искачи до 35 случаи. Во меѓувреме имаше многу преземени мерки, градинките, училиштата и сите образовни формални и неформални институции не држат настава. Се затворија кината, театрите, игротеките и музеите и сите други настани или концерти. Настана целосна забрана за одржување и организирање на секаков вид јавни приватни собири, без оглед на обемот и бројот на учесници. Спортските објекти и вежбалните се испразнија, а под клуч се и кафетериите, баровите, клубовите, казината и спортските обложувалници, а во затворените молови работат само супермаркетите, продавниците за храна и аптеките. Затворени се и сите гранични премини и аеродромите, Владата формира Главен координативен кризен штаб.
Постојано се информира во детали за состојбата на заболените, за ново-дијагностицираните, за потенцијалните во самоизолација. Но, најмногу се апелираше и се повикуваа граѓаните на придржување на превентивните мерки, на искрени изјави за патувањата, на самосвесност за контактите, за самоизолација.
Преземените мерки во регионот и светот
После Кина, каде што епидемијата веќе стивнува, „црниот примат“ го држи Италија, со најголем број заразени и најголем процент на смртност. Брзината со која се ширеше епидемијата во Италија се уште е предмет на анализи, а календарот на активности и бројот на зарази се во спротивна насока.
Од 31 јануари, кога се појавија првите 2 случаи и беше прогласена државна вонредна состојба, до 23 февруари бројот на заболени се искачи на дури 221 случаи. Тогаш Италија прогласи црвени зони. Сега Италија веќе и ја надмина Кина по бројот на случаи 41.035 заразени и 3 405 мртви, на 19 март. Патниците што влегуваат во земјата мора да ги следат протоколите што ги спроведуваат Министерството за здравство и Светската здравствена организација.
Во регионот пак, Србија првите мерки ги презема дури откако 2 случаја беа регистрирани. А во Србија од еден позитивен случај на 6 март, и тоа без воспоставени посебни заштитни мерки до прогласување вонредна состојба на 15 март, за само 2 недели бројот на позитивни на коронавирус се искачи на 47. Тогаш Србија ги затвори своите граници за сите странци кои не живеат во Србија, додека српските државјани кои влегуваат во земјата се бараше да се во само-изолација до 28 дена, или да се соочат со кривична пријава од три години затвор; затворени се и сите училишта, факултети и градинки. Всушност од 6-ти до 17-ти март, дури 71 случаи позитивни на коронавирус има во Србија.
Појавата на КОВИД 19 и брзото глобално ширење од многу земји и влади не беше сфатено сериозно и како резултат на латентниот однос, денес во светот владее пандемија.
Предупредувањата за навремено реагирање и превентивни мерки и апелите од СЗО не ги послушаа сите, а истите беа и се уште се пресудни за сузбивање на размерот.