Во Србија новинарите на протест – „Новинарите не клечат“
Околу 300 граѓани протестираа пред Владата во Србија вечерва.Со транспаренти “Новинарите не клечат”, уште еднаш демонстративно упатија порака до власта, да не ја потценува професијата, пишува Локално.
Не само во Белград, протести беа организирани и во Нови Сад, Шабац, Крагујевац, Кикинда и уште неколку градови. Со овие протести праќаат порака до Владата за смената на министерот за одбрана Братислав Гашиќ поради сексистичките навреди кои беа упатени на новинарката од “Б92″, Златија Лабовиќ. Велат, протестите нема да запрат се додека не биде сменет од позиција, јавува РТВ.
“Новинарките и новинарите не клечат”, се вееја транспаренти и на плоштадот Слобода во Нови Сад вечерва, каде се собраа околу 150 граѓани. И тие ја упатија истата порака за смена на министерот.
Според новинарката Маја Живановиќ, од Независното здружение на новинари од Војводина, новинарството можеби “потклекнало”, но политиката падна уште пониско.
Новинарите од Србија освен што бараат смена на министерот Гашиќ , бараат простор за слободно информирање во име на јавниот интерес, а особено политичарите и носителите на јавните функции да можат рамноправно да ги третираат жените.
Во следното видео ве потсетуваме на скандалозната изјава на министерот Гашиќ.
Извор: Локално.