Силвестри: Евроинтеграцијата треба да се држи настрана од историјата
29.11.2020
Италија се бори со сите сили во Советот на министри што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, посакува надминување на моменталната блокада, која настана по бугарското вето и апелира на здрав разум до сите
Ова во интервју за МИА го порача новоименуваниот италијански амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, кој нагласи дека неговата земја е уверена оти иднината на Северна Македонија, како и на другите земји од Западен Балкан е во Европа и дека влезот во ЕУ за регионот ќе донесе стабилна иднина и благосостојба.
Во врска со спорот со Бугарија и дали треба да се дозволи праксата историски и билатерални прашања да бидат причина за блокирање на евроинтеграцијата, Силвестри потенцира дека и покрај целосното разбирање за важноста на билатералните прашања, остануваат цврсто убедени дека европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи на страна од проблематики вкоренети во историјата.
Италија со многу храброст и далековидост се справила со своето минато, како земја, која во текот на Втората светска војна беше дел од Тројниот пакт и, како што вели Силвестри за МИА, со барање да се издејствува правда за секој што претрпил неправда и бил обесправен, и на меѓународен и на внатрешен план. Изградбата на италијанската модерна демократија, додава тој, потекнува токму од овие процеси.
Силвестри нагласува дека ЕУ низ историјата била рамката, со нивните соседни земји да обезбедат мир, добросостојба и заедништво, но и нивните граѓани денеска да се чувствуваат не само како Италијанци, туку и како Европејци.
Додава дека историските процеси треба да им се доверат на историчарите, со цел да се избегнат можни политизирања и поларизации кои воопшто не помагаат при дефинирање на неутрални и споделиви анализи.
За можностите за унапредување на билатералната соработка, италијанските директни инвестиции, но и како ковид кризата влијае врз таа соработка, меѓу другото зборуваме со италијанскиот амбасадор во интервјуто за МИА.
Силвестри се осврна и на состојбата со Ковид-19 во моментов во неговата земја, апелирајќи дека сега се наоѓаме во фаза, која треба да се управува со интелигенција и мудрост.
Мите Јаначков