Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

bujarosmani fin

28.11.2020

Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори, потенцираа вчера високи претставници на Владата и напоменаа дека темната страна на историјата треба да остане зад нас, а решенијата со Бугарија да се бараат преку взаемно почитување и простување. Темел за решавање на спорот е Договорот за добрососедство, постои можност кон него да се додаде патоказ за спроведување на договореното, но не како дел од преговарачката рамка, туку како дел од ЕУ процесот.

Високи македонски функционери вчера ги изнесоа своите ставови за спорот со Бугарија, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, кое предизвика бурни реакции во јавноста и по кое тој самиот следниот ден одговараше на новинарски прашања, меѓудругото потенцирајќи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори и наведувајќи дека никаде во светот не се преговара за идентитет и за својот мајчин јазик.

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски вчера изјави дека одлуките на партијата и на Владата се синхронизирани за се што изнел и дообјаснил премиерот Зоран Заев во неговото интервју за бугарската БГНЕС во однос на историјата, а коешто предизвика реакции.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за Алсат посочи дека дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

Тој се осврна на едно од барањата на бугарската страна за патоказ кон Договорот, напоменуваќи дека тоа е можно. – Ако констатираме дека Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, но потенцира дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, но не би бил формално дел од преговарачката рамка, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Додаде дека деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања.

-Самиот Договор е патоказ. Знаете дека Договорот покрај Комисијата на историчари предвидува и меѓувладина комисија која се состанува еднаш годишно и прави пресек на постигнатото, констатира што е постигнато што не е постигнато. Договорот има предвидено механизми како да се контролира, но ако констатираме дека еве Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно, вели Османи.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева претходно потенцира дека бугарската позиција е во преговарачката рамка за Северна Македонија да бидат вклучени три посебни точки: формулација за официјалниот јазик на Северна Македонија, патоказ за реализирање на Договорот од 2017 година и откажување од страна на Скопје од претензиите за постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ синоќа во телевизиско интервју уверуваше дека преговори или разговори околу македонскиот јазик и идентитет нема да има. Може да се разговара, како што вели, само за динамиката и за начините на спроведување на Договорот за добрососедство. Маричиќ нагласи дека нашата европска иднина не може да зависи од тоа дали можеме да бидеме Македонци и да зборуваме македонски јазик. Тоа право ни е гарантирано со сите универзални меѓународни декларации и со принципите на ЕУ.

-На целата наша јавност треба да и е јасно и убеден сум дека и е јасно – ние ниту сакаме, ниту можеме да се откажеме од она што сме и од она што сме биле, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Интерпретацијата на определени фази од историјата каде што сме имале личности или настани што не врзуваат со Бугарија или може да ги третираме како заеднички или споделени, е нешто сосема друго и тоа е вредно за разгледување и за потенцирање, за евентуално научно предизвикување на некои вистини од нашата историографија, но тоа, по мое мислење, е работа на историчарите, дециден е министерот.

Според него, задача на политичарите е да одржуваат позитивна клима во која нема да има говор на омраза и предрасуди, туку ќе има разговор.

-И тука е одговорноста и на нашата страна и на Бугарија. Затоа мислам дека напорите да најдеме решение тука се важни зашто нашата европска иднина не може да зависи од тоа дали можеме да бидеме Македонци и да зборуваме македонски јазаик, рече министерот за правда.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, изјави дека не сакаме да бидеме заложници на темните страни на балканската историја и оти денешните предизвици не може да се решаваат исклучиво ако со двете нозе сме во минатото.

– Нашето антифашистичко минато не стави на вистинската страна на историјата меѓутоа денешните предизвици не можат да се решаваат исклучиво ако сме со двете нозе во минатото. Тоа го направија и европските држави само неколку години по најкрвавата војна во својата историја, рече Шекеринска.

Во таа насока, како што додаде, е и последното интервју на премиерот Зоран Заев кое испраќа пораки за помирување и гледање напред на работите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека фактите оти македонскиот народ ја остварил својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија, оти АСНОМ е потврда на македонскиот јазик и идентитет, дека нашата државност се заснова на антифашизмот, како и дека земјава била ослободена од македонските борци од НОБ се неспорни и тоа не може да биде доведено во прашање. Сепак, вели, за да да продолжи Северна Македонија напред треба да се бараат решенија со Бугарија преку дијалог и заемно почитување на двете земји и народи.

-Многу е важно уште еднаш да се повторат некои факти што се неспорни, а тоа е прво дека македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија, дека АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и на македонскиот идентитет и нашата државност почива на делата на антифашизмот. Тоа во ниту еден момент не било и не смее да биде доведено во прашање затоа што она што го направија борците во НОБ против фашизмот е создавањето македонска држава во која што се потврдени македонскиот јазик и македонскио идентитет, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој не може и не смее да разговара, а не да преговара, заради тоа што, како што рече, тоа е право на самоопределување.

-Сметам дека таа желба што ја имаат и премиерот и членовите на Владата и огромен број граѓани е да не се дозволи тоа што се случувало пред седум или осум децении да биде пречка за нашата перспектива и за нашата иднина. Значи никако да не заборавиме што се случувало во минатото, никој не може да ги побие кои било од историските факти, меѓутоа мораме да одиме напред, историјата треба да ја оставиме на историчарите, а иднината е во наши раце. Сите заедно треба да продолжиме кон подобра, посветла иднина и перспектива, рече министерот Спасовски.

Прашан дали градот од кој е тој – Куманово бил ослободен од Бугарите или од македонските борци тој истакна дека „е ослободен од македонските борци против фашизмот“.

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Владо Бучковски смета дека Северна Македонија нема алтернатива. ЕУ е нашата стратешка цел, затоа мора да се избориме за почетокот на преговорите со ЕУ. Заев се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности.

– Ние деновиве поминуваме низ една специфична катарза. По интервјуто на Заев за БГНЕС. Мене ова ми е веќе Deja Vu. Пред 14 години, кога по средба со бугарскиот премиер Станишев, проговорив дека доаѓа време кога врз основа на заедничката историја треба да градиме заедничка иднина со тоа што ќе почнеме заеднички да ги чествуваме Св. Кирил и Методиј и зошто да не и Илинденското востание, бев дочекан на нож од дел од медиумите. Имаше превирања и во самиот СДСМ, беа нарачувани колумни против мене, се ширеше говор на омраза. Денес повторно, но со посилен интензитет, се обвинува за распродавање на македонската историја друг (премиер). Зошто? Затоа што, според мене, Заев од петни жили се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности, вели Бучковски запрашан за коментар на изјавите на премиерот Заев за БГНЕС и реакциите кои уследија во јавноста во интервју за Цивил медија.

Според него, евентуалната политичка криза во нашата држава при опстојување на Бугарија на ветото и на декемврискиот самит на Советот на ЕУ, дополнително ќе ги искомплицира и така комплицираните состојби во нашиот регион на Западен Балкан. Тој укажа на, како што вели, кризата на Косово по обвиненијата на Специјалниот суд против поранешните лидери на ОВК и оставката на претседателот Хашим Тачи, на новата Влада во Црна Гора која ја следат контроверзии околу нивната прозападна ориентација, федерацијата во БиХ е на стаклени нозе, бидејќи Република Српска е темпирана бомба.

-Албанија е во пресрет на парламентарните избори со длабока политичка поделеност на власта и опозицијата и отворен судир на Владата на Рама со претседателот Мета. Србија навидум е политички стабилна, но верувам свесна дека без признавањето на независноста на Косово, нема шанси за членство во ЕУ, вели Бучковски.

Според него, Русија, е охрабрена од последните случувања во нашиот регион кои вели и оставаат простор за поголемо влијание.

Вчера се огласи и претседателот на Демокрaтската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети и коалициски партнер на Заев, кој рече има добра волја да се реши спорот со Бугарија, што е многу важно за иднината на нашата земја, за отворањето на преговорите за интеграција во Европската унија. Тој смета дека премиерот Заев лично се жртвувал ризикувајќи ја политичката кариера со искажувањето толку директно на нештата со едиствена причина, како што рече, што подобро да биде за нашата земја, нашата држава и граѓаните на Северна Македонија.

– Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори. Ние сакаме решение што е можно побрзо, да не бидеме под влијание на емоциите, да не влегуваме во фолклоризмот, но да бидеме рационални и разумни за да го решиме ова прашање што е можно побрзо. Се надевам дека бугарската страна, која беше придонесувач и потврдувач на нашите универзални вредности за членството на нашата земја во НАТО и почетокот на преговорите за ЕУ исто така ќе покаже висока рационалност за надминување на овие постојни разлики и што е можно побрзо да се започне или да се одржи заеднички меѓувладин состанок за почеток на преговори за членство во ЕУ. Се надевам во европските вредности што ги има Бугарија и овие тешкотии ќе бидат надминати во наредните денови, рече Ахмети на свечената академија по повод Денот на албанското знаме.

Од бугарската страна вчера се огласи бугарскиот претседател Румен Радев според кого Бугарија треба да даде согласност за почетокот на преговорите со Република Северна Македонија, откако ќе бидат признати објективните историски факти и откако процесот на искоренување на јазикот на омразата ќе стане одржлив и неповратен.

Тој нагласи дека бугарската Влада со години давала ветувања за безусловна поддршка на Северна Македонија.

– Резултатот го гледаме денеска, Владата доцна се сети дека треба да го заштитува националниот интерес, вели Радев.

Според него, би било голема грешка доколку премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев „одиграат некаков театар и потпишат една декларација со желби, како што е Договорот од 2017 година, без јасни критериуми, без механизми за верификација и без мерки за имплементација“.

Опозицијата во земјата најави продолжување на протестите и бара оставка од премиерот по, како што го нарекоа, скандалозното интервју на Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски најави дека ќе продолжат протестите на опозицијата на коишто повикуваат на оставка на премиерот Зоран Заев, кој според нив, со преговорите со Бугарија и со последното интервју го начнал македонскиот идентитет. Синоќа партијата со автомобили поради Ковид-19 одржа протести во неколку градови.

Потпретседателот на партијата Александар Николовски на прес-конференција обвини дека Заев наместо да се извини и да ја повлече изјавата во однос на јазикот, идентитетот и историјата, тој навлегува подлабоко и ги руши позициите на Македонија.

-Зошто го прави Зоран Заев ова? За фотелја, за власт и бизнис интереси, за своите фирми во Македонија, но и за своите фирми во Бугарија. Ова го прави за голо останување на власт и уште малку финансиска корист и интерес за него и неговите блиски, тоа тажната вистина. Несогледливи се последиците од неговите ставови во понатамошните разговори.Ова што го прави е целосно рушење на позициите на Република Македонија на трајна основа, ова што го прави значи целосно рушење на било каква преговарачка позиција на Република Македонија во иднина, рече Николовски, кој побара оставка од Заев.

Во реакција на прес-конференцијата СДСМ одговори дека граѓаните даваат доверба на избори, а избори имаше пред само четири месеци.

-Граѓаните избраа подобра иднина, застанаа зад храбрите и мудрите политики на претседателот Заев и на СДСМ, кои ја одведоа државата во полноправно членство на НАТО, кои обезбедија напредок по 25 години и поддршка од целиот свет. Македонската иднина е во Европската Унија, Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи.Затоа јавноста не го поддржува ВМРО-ДПМНЕ, затоа Мицкоски доживува дебакли на секој протест, затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција, соопштија од СДСМ.

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

NOVOGODISENBANERSINALCO

 
   
   
   
   

Најново