Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

glasanjebolni fin

14.07.2020

Втор ден од гласањето за предвремените парламентарни избори. Гласаат болните, немоќните, хронично болните, осудените лица, лицата во домашен притвор, во старските домови и шестмина внатрешно раселени лица.

Според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) објавени на нивната веб-страна, денеска гласаат 8.855 болни и немоќни и хронично болни чии пријави се прифатени од ОИК. Најмногу болни и немоќни за гласање се пријавени во Прилеп и во Кичево по 486 граѓани, потоа во Струмица – 465, во Ново Село 375, во Крива Паланка 361, во Делчево 335 и во Липково 331. Гласање за болни и немоќни нема да има во Вевчани, а во Желино е прифатено барањето на само едно лице, додека во Шуто Оризари и во Центар Жупа ќе гласаат по четири болни и немоќни лица. Во Арачино се пријавени петмина за гласање денеска.

Од скопските општини во Гази Баба прифатени се барањата на 168 болни и немоќни за гласање, а во Бутел – 82, во Карпош ќе гласаат 80, во Кисела Вода – 57, во Ѓорче Петров 48, а во Аеродром 47.

Гласање ќе се спроведува и во 13 Казнено-поправни установи, а во посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 1.657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Гласање ќе има и во 17 старски домови каде правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.

Гласањето на овие лица се спроведува од страна на избирачките одбори, како и вообичаено досега, со тоа што и членовите на одборите, но и лицата што се пријавиле да гласаат задолжително мора да ги почитуваат општите превентивни мерки за заштита од КОВИД – 19.

Врз основа на Упатството на ДИК членовите на Избирачкиот одбор и претставниците на политичките партии кои го спроведуваат гласањето во домот на болните, немоќните или хронично болните лица мора да носат заштитна маска преку нос и уста и ракавици за еднократна употреба, задолжително е одржување на физичка дистанца во текот на целиот процес, како и миење на раце и дезинфекција по завршување на процесот.

Лицето кое гласа задолжително носи заштитна маска или шал или марама или прекривка преку нос и уста. При самото влегување во внатрешниот простор, најпрво лицето кое гласа треба да ги дезинфицира рацете, при подавање на личната карта најпрво ја симнува накратко маската за идентификација, но мора да ја запази потребата дистанца од метар до метар и половина. По завршеното гласање лицето повторно ги дезинфицира рацете.Членовите на ИО маската ја менуваат на секои четири часа.

Вчера, на првиот ден на гласањето, за кандидатските листи се изјаснуваа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Државната изборна комисија синоќа соопшти дека правото на глас го искористиле 723 лица заболени од КОВИД-19 и во самоизолација.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски појасни дека било утврдено оти треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките што ги соопштија претходно во текот на вчерашниот ден, е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.

Од вчерашното и денешното гласање, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.

Право на глас на овие десетти парламентарни, а петти предвремени избори имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи.

 

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново