Заштитната маска ќе стане задолжителна за сите граѓани
20.04. 2020
Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл, соопштија во саботата од Владата.
За оваа цел, оттаму го задолжија Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции.
Во уредбата, соопштуваат од Владата, треба да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.
За првпат од почетокот на ширењето на коронавирусот се воведува мерка за задолжително носење заштитна опрема.
Владата бара и граѓаните кои не носат маска, и не држат растојание да бидат сликани и казнувани со новите предлог законски измени.
„Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и висината на истите, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, мерките и препораки на Владата на Република Северна Македонија кои се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица (за групирање над 5 лица да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност) и за непочитување на минимум потребното растојание од два метри и неносење на заштитна опрема“, соопштија оттаму.