Конференција на светската царинска организација во Скопје
Конференција на Светската царинска организација – ПИКАРД ќе почне денеска во Скопје. На тридневната конференција ќе присуствуваат 200 гости од повеќе од 50 земји, царински експерти и академици кои ќе ги презентираат своите истражувачки трудови на годинашната тема „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт”.
По повод одржувањето на конференцијата во посета на земјата е и генералниот секретар на Светската царинска организација (СЦО), Кунио Микурија. кој ќе има свое обраќање на овој настан.
– Конференцијата под покровителство на СЦО годинава се одржува во Скопје, што претставува уште едно признание за напредокот во царинското работење во државава и интезивната соработка со СЦО и нејзините држави членки – соопшти Царинската управа.
Светската царинска организација е основана во 1952 година како Совет за царинска соработка. Таа е независно меѓувладино тело чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи. Во неа денес членуваат 183 царински управи од целиот свет кои заедно покриваат околу 98 проценти од вкупната трговска размена. Како светски центар на царинска експертиза, СЦО е единствената меѓународна организација компетентна за царински прашања.