Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

zbogar fin

Испорачавте сѐ што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот.

Ова во интервју за МИА го вели евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, признавајќи оти треба да се извршат реформи и во самиот процес на носење одлуки внатре во самата ЕУ.

Тој подвлекува дека проширувањето на ЕУ кон регионот останува нивен стратешки приоритет, и тоа не е променето. На прашањето дали во мај на Самитот во Загреб очекува земјава да добие датум, тој вели дека сега ЕУ треба да се воздржи од ветувања.

– Треба да се воздржиме од ветувања, бидејќи ветивме во јуни лани и во јуни 2019 и сега во октомври и сега е најдобро да се воздржиме од давање ветувања за датуми, но затоа треба да се фокусираме на правењето на вистинските промени – порачува Жбогар за МИА.

Во однос на тоа дали ќе се засили руското политичко и кинеското економско влијание во регионот по француското „не“ за Северна Македонија, Жбогар за МИА вели дека во ЕУ немаат ништо против земјите да имаат добри односи со други земји.

– Не сме против земјите да имаат добри односи со Руската Федерација, како и економски односи со Кина. Тоа е до самите земји да проценат какви придобивки добиваат со тоа. Убедени сме, а и добивме потврда синоќа од лидерите на сите политички партии, дека тие ја гледаат иднината на земјата во ЕУ и дека ќе сторат сѐ за да го забрзаат процесот – потенцира Жбогар.

Северна Македонија ќе одржи брзи избори, закажани се на 12 април. Дали Брисел чувствува одговорност за оваа одлука, особено доколку земјава по изборите повторно влезе во политичка криза?

– Сите го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката или неодлуката на Европскиот Совет во Брисел. Нашите лидери, од претседателот на Советот Доналд Туск до претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, до еврокомесарот Јоханес Хан беа многу јасни во оценката што се случи. Но во исто време, мора да кажеме дека ништо не е променето во нашиот однос. Остануваме посветени на Северна Македонија. Европската Унија останува посветена на регионот. Проширувањето на ЕУ кон регионот останува стратешки приоритет, и тоа не е променето. Остануваме најголем донатор, остануваме најголем трговски партнер, најголема извозна дестинација и доаѓаат големи инвестиции од големи инвеститори во земјата. Тоа останува непроменето. Ние ќе продолжиме да работиме со земјата, ќе продолжиме да ја поддржуваме и да помагаме и во наредните месеци ќе имаме интерни дискусии за промената во политиката на проширување и пред Самитот во Загреб, нашите лидери ќе се навратат на прашањето за отворање преговори со Северна Македонија. Во исто време видов дека лидерите синоќа се договорија за избори во април, така што тоа е речиси во истиот период кога вие ќе имате изборен период а ние ќе имаме внатрешни консултации за модифицирање на политиката на проширување и пред месец мај се надевам дека ќе продолжиме со тоа.

Кое Вашето мислење за одлуката на Европскиот Совет да не отвори преговори. Францускиот претседател Макрон побара нова методологија на преговарање. Зошто ова не ѝ беше предочено на земјава пред да го смени на името?

– Француското барање за промена на методологијата не е само француско барање. Сметам дека многу земји се прашуваат дали процесот на проширување каков што е сега навистина дава добри резултати. Од страна на ЕУ, имаме недостиг да видиме дека има промена со проширувањето. Преговори за проширување течат со одредени земји, но во исто време не гледаме промени во земјите какви што очекуваме. Од страна на кандидатите, исто така гледаме дека има сѐ повеќе и повеќе чекори и датумот за влез сѐ повеќе и повеќе се одложува. Ако Хрватска преговараше шест години, Србија веќе преговара шест и пол години, и не е ниту речиси близу до влез, Црна Гора преговара осум и пол години, и сѐ уште не се влезени. Исто така, на земјите-кандидати им се чини дека тоа е бескраен или вечен процес. Затоа, двете страни и земјите-членки и кандидатите на некој начин не беа среќни на начинот на кој што се одвиваше проширувањето. И тоа францускиот претседател го изнесе за дискусија и инсистираше тоа сега да биде ставено на маса и заедно да најдеме подобар начин како да добиеме резултати. На крајот, тоа може да излезе подобро за земјите-кандидати. Можеби ќе има повеќе предвидливост, поголема извесност во целиот просец. Но ќе видиме, сѐ уште не сме почнале значајни дискусии. Но важно е што останува посветеноста за проширување на Западен Балкан. Тоа не е ставено под знак прашалник.

Господине Жбогар, дали ЕУ нѐ излажа со недонесувањето одлука за датум, бидејќи Северна Македонија ги исполни сите услови што и беа одредени?

– Моите лидери јасно кажаа. Претседателот Туск кога беше тука во Скопје кажа многу јасно – Вие направивте сѐ што од вас беше побарано. Ги решивте билатералните односи со соседите, се ангажиравте со реформите, но секогаш сѐ уште има работи кои треба да бидат направени, но чашата е половина полна, и станува сѐ пополна. Од наша гледна точка, вие го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно. Минатата седмица ние тоа не го постигнавме, но лидерите ја одложија одлуката и ќе се навратат на ова прашање пред месец мај. Мислам дека тоа е еден чекор во процесот и не е крај на патот, и не би го употребил зборот што вие го употребивте за нашиот пристап кон земјата. Едноставно, ние за жал повторно го одложивме ова прашање, со цел да ја средиме прво нашата куќа.

Претседателот Макрон кажа дека полноправното членство во ЕУ на Западен Балкан не треба да биде единствена опција. Дали тој со тоа најави и крај на проширувањето?

– Суштинските разговори за проширувањето, за новата методологија на проширување не се сѐ уште започнати меѓу земјите-членки. Но, како што и претходно јасно кажав политиката на проширување е стратешки приоритет за Европската Унија. Тoa e заштитено и со Лисабонската спогодба со членот 49 и сега останува на земјите-членки да дискутираат како тоа да го направат на најдобар можен начин, со цел Европската Унија да продолжи да биде функционална. Во стратегијата што ја усвои Комисијата минатата година, ЕК ја посочува потребата од реформи во Европската Унија, со цел да може да функционира кога нејзиниот број членки ќе се зголеми над 30. Комисијата дури и кажа дека ЕУ треба да стане подлабока, пред да стане поширока. Тоа значи дека треба повеќе да се интегрираме и веројатно да не мора сите одлуки да ги носиме едногласно, пред да прифатиме нови членки, бидејќи процесот на носење одлуки веќе е отежнат, со 28, или во овој случај со 27, и ќе станува сѐ покомплициран кога ќе имате дополнителни членки. Затоа има потреба од реформа во носењето одлуки во ЕУ со можно воведување на носењето одлуки со мнозинство гласови, пред да примиме нови членки. Но тоа не значи дека ја отфрламе политиката на проширување. Мислам дека Европската Унија е свесна за одговорноста кон овој регион, свесна е за посветеноста на регионот кон ЕУ, кон европските вредности, цели. Беше убаво да се слушне синоќа од сите политички лидери дека остануваат посветени на европскиот пат и тоа е единствениот пат по кој оди земјата и оти ќе направат сѐ што е можно вклучително во наредните шест месеци да го зајакнат тој пат.

Вие не добивте одлука за почеток на преговори, но тоа не значи дека тоа е крај на патот. Отворањето преговори е симболичен чин. Тоа е важно, но тоа во суштина не ги менува животите на луѓето. Она што го менува животот на луѓето се реформите. Реформите во правосудството, реформи во животната средина, реформи во економијата, во здравството, образованието… Процесот на проширување е тука да ги поттикне и помогне реформите. Но тоа не е замена за реформите. Ќе продолжиме да ја поддржуваме земјата во целиот реформски процес и се надевам за половина година ќе се навратиме на ова прашање и на новата методологија што треба да биде договорена меѓу лидерите.

Меѓутоа, отворањето на преговорите граѓаните го гледаа како на некој вид мотивација. Тоа беше клучното. Земјата несомнено треба да продолжи со реформите, но отворањето преговори ќе беше дополнителен поттик и за администрацијата во целиот процес. Тоа ќе беше мотивација за сите.

– Се согласувам со вас и ве разбирам. Симболички многу е важно и сѐ уште е важно. И за жал, таа одлука не ја донесовме минатата недела. Но се надевам дека ќе се обидеме на политичко ниво како ЕУ и како земји-членки, но и на локално ниво тука како Европска делегација какви активности и чекори можеме да преземеме, за да им покажеме на луѓето дека нашиот пат продолжува, дека ќе останеме ангажирани дури и повеќе во иднина. Едноставно да им покажеме на луѓето дека ние сме тука, ќе останеме во земјата и ќе останеме со нив со реформите што ќе донесат подобар и понормален живот.

Колку Унијата има капацитет да носи одлуки, дали треба реформа во таа насока?

– Да, реформа е дефинитивно потребна. Сите велат дека процесот на донесување одлуки е комплексен, бидејќи нѐ има 28, а почнавме шест. Во меѓувреме растевме, но процесот на носење одлуки остана ист. Мора да претрпи измени, што беше потенцирано и во стратегијата. Ќе се дискутира прашањето следната година кога и ќе почнеме да дебатираме за иднината на ЕУ. Ова ќе биде една од важните елементи – измена на процесот на носење одлуки. Значи, повеќе одлуки да се носат со мнозинско гласање, а можно е за некои одлуки само неколку земји да одат заедно понапред од другите, како што сега го имаме Шенгенот, потоа еврозоната и како што имаме соработка во одбраната. Во иднина, веројатно ваквата зајакната соработка меѓу само неколку земји-членки ќе се развие. Ваквата реформа ќе се дискутира во ЕУ во следните веројатно две години. Таква реформа е потребна за ЕУ да стане пофункционална, бидејќи светот се менува многу брзо.

Неотворањето преговори според некои високи функционери на ЕУ може да доведе до дестабилизација на регионот. Дали ЕУ е подготвена за вакво сценарио?

– ЕУ не ја смени својата политика кон регионот. ЕУ е посветена на регионот. Како што веќе кажав, политиката на проширување останува да биде нашата стратешка политика за регионот. Во секоја земја, ние сме најголемиот инвеститор, најголемиот сопственик и најголемиот трговски партнер. Ние сме поврзани со овие земји, сите тие ја гледаат иднината во ЕУ и тоа не може да се смени. Не постои алтернатива, ниту за нас, а и за нив. Нашата ангажираност ќе продолжи, нема да се промени после минатонеделната одлука. Од 1 декември ќе добиеме нова Европска комисија, која ќе има нова енергија и нова визија, како и нови политики и нови приоритети. Претседателот на ЕК даде јасно до знаење дека Западен Балкан е приоритет како регион, како за ЕК така и за претседателката. Не гледам потреба од нас да даваме објаснување за планирање за вонредни ситуации, бидејќи не би требало да не оди по планот. Нашиот ангажман продолжува.

Неисполнетото ветување на Унијата води кон нејзин пад на кредибилитетот во регионот, и дејствува демотивирачки и за другите тука кои треба да решат билатерални спорови. Каде сега да се најде мотивацијата?

– Мотивацијата треба да постои кај политичарите кои имаат цел да го подобрат животниот стандард на граѓаните. Народот ги бира политичарите и тие сакаат да ги подобрат животите на луѓето, на нивните гласачи за да ги изберат повторно. Тоа е најголемата мотивација. Минатонеделната одлкука, односно немањето на одлука во врска со Северна Македонија и со Албанија, не го менува тоа. Напротив, мислам дека има можност дека откако ќе ја усвоиме новата методологија, ќе има поголема извесност во дискусиите за проширувањето. Дека ќе има предвидливост на целиот процес, поголема отколку сега. Веќе напоменав дека целиот процес станува сѐ подолг, дека сѐ повеќе чекори стануваат дел на целиот процес и како кредибилитетот се намалува не само внатре во ЕУ, туку и меѓу граѓаните тука. Можеби новата методологија ќе ја зголеми кредибилноста и тоа ќе биде од корист на граѓаните во регионот и да ги охрабри да го решат сите прашања што треба да се решат за да се приклучат на семејството на ЕУ.

Дали сметате дека ќе се засили руското политичко и кинеското економско влијание во регионот по француското „не“ за Северна Македонија?

– Не се противиме на тоа земјите да имаат добри односи со други земји. Не сме против земјите да имаат добри односи со Руската Федерација, како и економски односи со Кина. Тоа е до самите земји да проценат какви придобивки добиваат со тоа. Убедени сме, а и добивме потврда синоќа од лидерите на сите политички партии, дека тие ја гледаат иднината на земјата во ЕУ и дека ќе сторат сѐ за да го забрзаат процесот. И да повторам. Едноставно факт е дека 70-80 проценти од трговијата и извозот се реализира со земјите на ЕУ. Седумдесет проценти од инвестициите доаѓаат од земји што се во ЕУ. Скоро цела помош доаѓа од ЕУ-институциите. Не постои алтернатива за патот кон иднината, но тоа не ги спречува земјите да имаат односи, добри односи, со други земји.

Македонските граѓани се уморни од чекање. Која е Вашата порака до нив?

– Знам, разбирам дека луѓето се уморни од чекање. Најмногу, тие се изморени од чекање за подобар живот, реформи кои ќе им ги подобрат животите. Тоа нема да се случи ако се отворат преговори, тоа би било само порака, мотивација, но реформите се реализираат на локално ниво, од страна на политичарите во земјата. Пораката после разочарувањето од политичарите е да се искористи секој ден за се имплементираат реформи и да се подобри ситуцијата, во полето на економијата, правната држава, образованието и во здравството, слушам дека има многу проблеми. И во врска со животната средина, сите чекаме периодот на загадување да започне. А ние пак, почнуваме со преиспитување – како да се подобриме ние, како Делагација на ЕУ. Ќе се обидеме да стигнеме до што е можно повеќе граѓани, до младите луѓе во земјата и да ги ислушаме подобро. Ќе провериме како ги трошиме нашите фондови и да покажеме дека сме посветени на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Ќе се остварат важни посети, комуникацијата ќе продолжи, нашето конструктивно партнерство ќе продолжи. Тука ништо не се смени, напротив, ќе видиме повеќе од ова партнерство во иднина. По шест месеци, во мај на самитот во Загреб ќе видиме што лидерите ќе одлучат за нашата иднина.

Дали очекувате можеби тогаш позитивна одлука за датум за преговори?

– Треба да се воздржиме од ветувања, бидејќи ветивме во јуни лани и во јуни 2019 и сега во октомври и сега е најдобро да се воздржиме од давање ветувања за датуми, но затоа треба да се фокусираме на правењето на вистинските промени.

Разговараше: Неда Димова Прокиќ
Фото: Фросина Насковиќ

Извор: MИА

Поврзани вести

E baner

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

Швајцарската мултинационална компанија активна во областа на фармацијата и производство на медицински помагала РОНТИС, заради зголемување на својот постоечки капацитет во фабриката во Велес, има потреба да вработи:

10 (десет) Оператори во производство

Кандидатите треба да ги поседуваат следните квалификации:

  • ССС
  • Со или без работно искуство

ДПТ РОНТИС ДООЕЛ Велес ги охрабрува сите заинтересирани кандидати  да аплицираат, без разлика на нивната полова, верска или национална припадност.

Доколку сте заинтересирани, Ве молиме пратете ја Вашата биографија (CV) со фотографија на hrmk@rontis.com  или на адреса:

ДПТ РОНТИС ДООЕЛ   с. Долно Оризари бб, Велес 1400 (со назнака за Оператор ), најдоцна до 30/11/2019 година.

Швајцарска мултинационална компанија активна во областа на фармацијата и производство на медицински помагала заради зголемување на својот постоечки капацитет има потреба да вработи:

Техничар  во оддел за  одржување

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:

  • ССС (Електро- техничар,  Машински техничар и др. сродни занимања)
  • Познавање на англиски јазик
  • Познавање на работа со компјутери
  • Со или без работно искуство ( предност имаат кандидати со работно искуство со машини )

Локација : Република Македонија - Велес

Доколку сте заинтересирани, Ве молиме пратете ја Вашата биографија (CV) со слика на  hrmk@rontis.com  или на адреса: ДПТ РОНТИС  ДООЕЛ Велес  с. Долно Оризари бб, Велес 1400  задолжително со назнака за Техничар, најдоцна до 30/11/2019 година .

Најново