Анкета на Телма и МЦМС: За СДСМ би гласале 24,3% а за ВМРО ДПМНЕ 20,9% од избирачите
Рејтингот на СДСМ е за 3,4 процентни поени повисок од оној на ВМРО-ДПМНЕ, покажува новата анкета на Телма и на МЦМС. Доколку утре се одржат избори 24,3% од испитаниците одговориле дека би гласале за СДСМ, додека за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 20,9 проценти. Анкетата спроведена телефонски од “М Проспект”, во периодот од 4 до 11 септември, на репрезентативен примерок од 1005 испитаници, покажува драстична промена во рејтинзите на лидерите на партиите.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев има 6,5 процентни поени поголема поддршка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груески, или изразено во проценти, поддршка на Заев му даваат 26,2 проценти, додека за Груевски се изјасниле 19,7 проценти од испитаниците. Од албанскиот политички кампус највисок рејтинг има Али Ахмети со 6 проценти, пред Зијадин Села со 3,4 .
Падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ ја покажува споредбата на процентите на оние кои одговориле дека гласале за оваа партија на претходните избори т.е. 26,9 проценти, со оние 20,9% кои би и го дале гласот на претстојните избори. СДСМ има речиси идентична поддршка за претстојните избори 24,3, споредено со претходните 24,8 проценти. За ДУИ пак на следните избори би гласале 8,9 проценти од анкетираните, за БЕСА 3,1 а за Алијанса на Албанците 2,7 проценти. Не е занемарлив процентот кои одбиле да кажат или не знаат за кого би гласале на следните избори 37 проценти.
Анализирано по етнички блокови, ВМРО-ДПМНЕ води кај Македонците цел еден процентен поен пред СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 26,6 проценти, а за СДСМ 25,8. Кај Албанците убедливо води ДУИ со 39,7 проценти, а интересен е податокот дека СДСМ и БЕСА имаат идентичен рејтинг кај Албанците 15,1 процент. Кај Македонците Заев има речиси шест процентни поени предност пред Груевски, додека кај Албанците неприкосновен останува Али Ахмети. Сепак не се за занемарување ниту 25 проценти од анкетираните Албанци кои одговориле дека би ја дале поддршката на некој друг, додека кај Македонците 16 проценти одговориле дека не би му ја дале довербата на ниту еден. Анкетата ги опфати и претстојните локални избори при што резултатите најавуваат излезност на граѓаните од висок 79,8 проценти.
Само 9,2 проценти од анкетирните одговориле дека нема да гласаат на локалните избори, додека 11 проценти се уште не знаат или не одговориле дали ќе гласаат. Истражувањето покажа речиси идентична поделба кај граѓаните по прашањата за евентуално меѓупартиски или меѓуетничко прелевање на гласовите, со по 40-на проценти за “за” и за “против”.