Нимиц не очекува драматичен пресврт за името
Специјалниот претставник на Обединетите нации во преговорите за името, Метју Нимиц денеска по средбата со шефот на дипломатијата, Никола Димитров изјави дека не носи нов предлог за името и дека во наредните неколку месеци не очекува некои драматични случувања или решение во спорот за името.
Тој најави интензивирање на преговорите и порача дека добро е што постои волја кај македонската страна за решавање на спорот.
– Не дојдов со нов предлог, туку разговаравмеза концептите на новата Влада за градење политика на добрососедство. За да се реши прашањето за името потребен е генерален прогрес на двете страни, односно тие да се ислушаат меѓу себе и да покажат отвореност – рече Нимиц.
Нимиц утрово во Скопје се сретна со премиерот Зоран Заев, а на денешната агенда му е и средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Нимиц информира дека на средбата со премиерот Заев утрово потоа и со министерот за надворешни работи не се разговарало за конкретни предлози, односно ниту новата Влада ниту тој не ставиле на маса нешто ново, и дека е рано да се зборува за конкретно решение.
Сепак, како што рече тој, политичка волја постои и од македонска и од грчка страна.
Нимиц објасни дека посетата на Атина која требаше да се случи по посетата на Македонија е презакажана заради активното учество на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во решавањето на кипарското прашање.
Нимиц вчера имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов.