Нимиц денеска ќе разговара со премиерот Заев
Специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц во рамките на неговата посета на земјата денеска во Скопје ќе има средба со премиерот Зоран Заев.
Нимиц вчера се сретна со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов. Во соопштението од Кабинетот на Иванов се наведува дека Иванов на Нимиц му нагласил дека во процесот на преговори мора да се почитува меѓународното право.
„Неопходно е стриктно придржување до резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Мора да се почитува меѓународното право и да се има доследност кон меѓународно преземените обврски“, се вели во соопштението.
Со средбата со претседателот Ѓорѓе Иванов, медијаторот во македонско – грчкиот спор, Метју Нимиц, го започна својот тридневен престој во Македонија за првпат по две години.
Пред средбата, како што објавија дел од медиумите, македонскиот државен врв имал координативен состанок во Вилата Водно, на кој присуствувале премиерот Заев, министерот за надворешни Димитров, вицепремиерот за Евроинтеграции Османи и преговарачот Васко Наумовски.
Нимиц последен пат се сретна со Иванов пред три години, кога шефот на државата го известил дека земјава е подготвена за интензивирани разговори со Грција за наоѓање решение. Според неговата изјава дадена за грчки медиуми минатиот месец, решавањето на спорот помеѓу Грција и Македонија ќе реши и многу други проблеми во регионов.