Ружин: Македонија ќе биде дел од НАТО до следната пролет
Mакедонија до следната пролет ќе стане 30 членка на НАТО. Ова во изјава за ТВ 21 го вели поранешниот амбасадорот на Македонија во Алијансата, Нано Ружин, кој има големи очекувања за брзо решавање на македонско-грчкиот спор.
Ружин смета дека очекувано е што грчката страна останува на добро познатите ставови, но вели дека и тие ќе направат отстапувања, бидејќи поставување црвени линии не претставува дипломатија,
„Се очекува и натаму да продолжи да не кажам притисок, меѓутоа договарање, на релација, Атина-Брисел-Вашингтон-Скопје. Во тој контекст очекувам позитивна разрешница“, изјави Ружин.
Меѓутоа, според поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски, апсолутно е јасно по изјавите од високите претсавници на Брисел, и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, дека топката е во рацете на новата македонска влада, која доби порака дека мора да го промени името за да нема пречки на евроинтегративниот пат.
„Има алтернативи, има решенија, но очигледно дека во дадените услови во Брисел и Атина нема зелено светло Македонија да напредува кон евро атлантските интеграции“, изјави Никовски.
Според германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер, значајно е што едно од првите патувања надвор од државата, министерот Никола Димитров го искористи токму за посета на Атина и неговиот колега Никос Коѕијас.
„Секако дека е значајно тоа што министерот Димитров на една од првите свои средби отиде токму во Атина. Ова прашање не би сакала воопшто да го коментирам бидејќи тоа е работа на двете држави. Тука Германија е само набљудувач“, соопшти Алтхаузер.