Кумуцакос: Прво решение за името па зелено светло за НАТО
Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија на министерот Никола Димитров му го повторила истиот став како и грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас – прво да се најде решение за името, па зелено светло за прием во НАТО.
– Ние веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение за името. Веруваме дека тоа може да се случи и тоа за брзо време, ако постои вистинска позитивна политичка волја. Токму бидејќи веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение сметаме дека политиката од Букурешт, изразена преку едногласната одлука од НАТО, останува силна – рече Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во Нова демократија по средбата со Димитров.
Тој вели дека е позитивно тоа што новата влада испраќа порака на умереност, што е поконструктивно и попродуктивно. Овој став според Кумуцакос е добар за билатералните односи и генералната клима меѓу двете држави.