Банкарскиот работник милионите од Тутунска банка ги украл за неколку дена, ама парите ги нема
Два милиони швајцарски франци и 270 илјади евра успеал да стави во украсна ќеса и незабележан од никого да ја напушти банката. Ова е третата и најголема сума која трезористот Бобан С. во Тутунска банка во рок од една недела во неколку наврати ја крадел банката. Почнал да изнесува пари во средата на 6 април кога му била доверена задача. Голема сума на пари да испрати по авион. Дел земал за себе, пренесе Телма.
„Првиот износ го затаил од пратка од еден милион швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци или вкупно 100.000 франци кои ги присвоил за себе“, велат од МВР.
Но тука не престанал да изнесува пари од сефот на банката. Во еден ден во неколку наврати од трезорот земал 375 илјади евра а по тоа и 300 илјади швајцарски франци. Повторно никој не го забележал. Третиот пат во понеделникот на десетти украл најмногу.
„Соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец“, велат од МВР.
Како со украсна ќеса во раце бега од трезорот, полициските инспектори виделе и на видео материјалот од камерите кои ги има во банката. Во описот кој МВР го изготви за милионскиот грабеж уште е напишано дека трезористот ова го сторил непочитувајќи ги воспоставените процедури за сигурност при работата.
Но за сега нема одговор како може милионска сума на ќеш пари да се испраќаат по авион и во која насока требало да летаат парите.
Не се знае ниту зошто трансферот не бил преку Народната банка.
Од Тутунска и денеска повторија дека клиентите не се загрозени.
Инаку сега полицијата го товари крадецот за дело „злоупотреба на службена положба“, во кое ако се прибави поголема имотна корист казната е од 6 месеци до 5 години затвор. Спротивно на ова пак јавното обвинителство излезе со соопштение во кое пишува дека се товари за затајување, дело казниво најмногу до една година затвор. Парите не се пронајдени, Бобан С. е во триесет дневен притвор.