Албанските партии се држат настрана од прегласувањето во Теарце
Во процесот на прегласување во тетовско Теарце, албанските партии ќе стојат настрана. Барем јавно од албанските политички субјекти велат дека нема да поддржат ниедна од македонските партии, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, пренесува Алсат-М.
Ќе ги остават граѓаните слободно да одлучат бидејќи прегласувањето во Теарце нема да го промени изборниот резултат во албанскиот блок. За ДУИ е важно изборите да бидат слободни и демократски, како и граѓаните да имаат можност слободно да ја изразат нивната волја.
„Во текот на кампањата секоја партија ја претстави својата политичка платформа и сега граѓаните имаат можност да се определат.“
И од Движењето Беса исто така истакнаа дека нема да фаворизираат ниеден македонски субјект.
„Согласно изборниот резултат Движењето Беса не е дел од овој процес, гласачите како гласачи, секој гласач има право да одлучува така како што смета дека е најдобро да одлучи“, рече Биљал Касами, претседател на Движењето Беса.
И од Алијансата за Албанците се на иста линија. Од оваа партија наведуваат дека централното претседателство веќе донело одлука.
Алијанса за Албанците:
„Нема да поддржиме ниедна партија. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сами нека ги решат проблемите.“
На изборите на 11 декември на гласачкото место 2011, ВМРО-ДПМНЕ доби 91 глас, СДСМ 87, Беса 65, ДПА 64, ДУИ 53 и Алијансата за Албанците 25. Албанските партии собраа вкупно 207 гласа, а за да се промени изборниот резултат потребни се најмалку 307 гласа во полза на СДСМ, по што македонските партии би имале рамноправен број на мандати, односно ВМРО од 51 би имала 50 пратеници, а социјалдемократите од 49 би се искачиле на 50 мандати.