Вајгл: На дел од политичарите им порачав да си обезбедат добри адвокати!
Избори на 11-ти декември секако ќе има, а тоа што некои од политичките партии сè уште не почнале да се подготвуваат за политичка кампања, само значи дека ќе загубат на избори“, вели европратеникот Иво Вајгл, како одговор на укажувањето на ЦИВИЛ – Центар за слобода, дека во разговор со претставниците на политичките партии во Македонија, може да се донесе заклучок дека ВМРО–ДПМНЕ не ги ни започнала своите предизборни активности во локалните партиски штабови. Како што соопшти Вајгл, овој податок го добил и тој при последната посета во Скопје.
Ставот дека изборите закажани за 11-ти декември нема да се одложат, го делат и европратениците Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои во Европскиот парламент одржаа средба со претставници на граѓанскиот сектор во Македонија, меѓу кои беше и претставник на ЦИВИЛ. Според нив, ако некоја партија одлучи да не се активира во предизборниот период тоа е нејзино право и тоа никако нема да влијае врз утврдениот датум за избори.
Отсуството на активности пред избори, исто така е активност, е ставот на Кукан.
– Сепак, сите политички партии мора да бидат свесни дека не е доволно да се обезбедат услови за фер и демократски избори, особено важно е да се прифатат резултатите од изборите и да не се оспоруваат – смета Вајгл.
Извор: Плусинфо.мк