Павле Трајанов поднесува иницијатива за измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци
Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов денеска ќе поднесе предлог за измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци по редовна постапка.
Вчерашните измени што беа поднесени по скратена постапка, и за разлика од нив, за овие кои тој ги поднесува ќе се расправа прво во комисиите, а потоа тие ќе одат на пленарна седница во Собранието, информира новатв.
Инаку, вчера владејачкото мнозинство го одби барањето на специјалната обвинителка Катица Јанева за измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци.
Од СЈО оценија дека со недонесувањето на измените на Законот за заштита на сведоци, се отежнува работата на СЈО.
На пленарна седница во Собранието, за донесувањето на измените на Законот за СЈО, по скратена постапка, го поддржаа 36 пратеници, додека против гласаа 54.
За измените на Законот за заштита на сведоци гласаа 42 народни избраници, а 52 беа против. Со ова Собранието не ги усвои предлозите за изменување на овие два закони.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, по гласањето, во изјава за медиумите, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останале на претходно изнесениот став дека нема да прифатат никакво барање од СЈО и никакви нови договарања, преговарања и продолжувања на рокови кои се надвор од Договорот од Пржино.
На новинарско прашање дали кај владејачката партија постои страв дека нивни членови ќе бидат гонети од СЈО и затоа не го поддржуваат законот, Димовски одговори дека не им е страв и дека никој не е над Уставот и над Собранието.
– Тој што мисли дека е над нив, ќе ја добие лекцијата што беше испорачана – изјави Димовски.
Иницијативите на Јанева до пратениците произлегуваат од барањето на СЈО да може да навлезе во сржта на предметите „Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.
Извор: Локално.мк