Попоски: Со Грција сме согласни да не разговараме за името
Со Грција имаме сериозни разидувања во однос на прашањето на името, но сме согласни дека во моментот не можеме да разговараме по него бидејќи имаме различни видувања, оценува министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
На прашањето доколку Македонија треба да избира меѓу името и НАТО, што би избрала и дали може да се прави некаков избор, Попоски посочува дека не би било праведно од НАТО да биде поставено прашањето на штета на земја која ги исполнила сите други критериуми да влезе во Алијансата.
– Исто така, не можеме да бидеме наивни и да не признаеме дека една земја членка може да го блокира целиот процес. Во овој временски период ние покажавме дека и за НАТО и за Македонија, но исто така и за Грција е многу подобро да гледаат кон додадената вредност од нашето членство во НАТО отколку да продолжат со политиката на уценување во услови во кои имаме договор кој го застапува меѓународното право, имаме пресуда од Меѓународниот суд на правдата кој исто така го трасира патот за што може, а што не може да биде прифатено – истакнува министерот за надворешни работи.
Извор: Плусинфо.мк