МВР поднесе кривична пријава против Урко
МВР поднесе кривична пријава против Дејан Митровски Урко за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот. Пријавата денеска стигнала во рацете на надлежниот обвинител, кој по анализата на сите докази ќе треба да одлучи дали Митровски ќе стане осомничен за сообраќајката од пред десетина дена кај Рампа, во која загина 22 годишно момче од Сингелиќ, јави 24 Вести.
Пријавата е земена во работа и истата се разгледува од страна на надлежниот авен обвинител, по што ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено информирана, велат од ЈОРМ.
Двајцата учесници во сообраќајката- Урко и сега починатото момче не биле во алкохолизирана состојба, велат за 24 Вести од обвинителството.
Ова се единствените информации кои ги соопштија од таму. Деталните околности под кои се случила сообраќајката велат, ќе бидат објавени деновиве.
Според полицискиот билтен, до сега се знае дека Митровски поминал на две полни линии кога удрил во мотоциклистот кој исфрлен од ударот заврши на билбордот, а неговиот мотор на излогот од блиската месарница во Кисела Вода.
Митровски се уште е вработен во шестата управа во МВР која ги обезбедува значајните државни објекти и функционери. Тој 15 години беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, се до пред две години кога беше суспендиран и симнат од функција.
Извор: 24 Вести