Рокот тече, во ДИК досега се пријавиле 397 спорни гласачи
Државната изборна комисија соопшти дека, заклучно со денеска до 13:00 часот, пријавени се вкупно 397 гласачи, чии што записи во Избирачкиот список се прогласени за спорни по извршените вкрстени и теренски проверки.
Од нив 86 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии или во дополнителните канцеларии на Државната изборна комисија, додека 311 граѓани пријавувањето го оствариле преку веб апликацијата на Државната изборна комисија.
Според последниот договор меѓу партиите потписнички на Пржино, со Изборниот законик се даде можност Државната изборна комисија да ги брише спорните 39.502 лица гласачи од списокот што нема да се пријават и да го докажат своето право на глас до 19 август.
Граѓаните ќе може да се пријават лично, во подрачните единици на Државната изборна комисија, како и во канцелариите на Управата за водење на матични книги, каде ќе мора да приложат важечка лична карта или пасош.
Втора опција е пријавување на веб страницата на ДИК каде поставена е и апликација за електронско пријавување. Тие ќе треба да го внесат матичниот број и да испратат скенирана копија од лична карта или пасош.
Пријавувањето ќе може да се врши секој ден во периодот од 8.30 до 19 часот. Списокот со спорни гласачи ќе биде објавен и на страниците на дипломатско конзуларните претставништа за македонските државјани во странство.
Ваквиот договор со датум на исполнување до 31. август заедно со реформите во останатите сфери наиде на критика во јавноста, со оглед на тоа што партиите ги третираат проблемите како последица и не прават суштински промени, туку само корекции пред избори.
Извор: Новатв.мк