СДСМ: Повик до професионалците да се кандидираат за МРТВ
СДСМ, како што изјави денес Радмила Шеќеринска, со намера да ја промени политичката култура, бидејќи Македонија не се политичките партии, туку нејзините граѓани, упатува јавен повик до сите поединци професионалци и организации сами да се кандидираат за местата главен и одговорен уредник на МРТВ како и за членови на ад хок телото за мониторинг на медиумите.
– Граѓаните имаат право да ја слушнат вистината, а не само партиски платени лаги. На Р.Македонија и се неопходни фер и демократски избори. Такви избори се невозможни ако медиумите не известуваат објективно и професионално. Заради тоа, МТВ не смее да е телевизија на ВМРО-ДПМНЕ ниту на која било друга партија. МТВ е на граѓаните и СДСМ го почитува и ќе го почитува тоа, порача денеска Шеќеринска.
Оваа изјава доаѓа по договорот помеѓу четирите најголеми политички партии во која во неколкуте постигнати усогласувања, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА се договорија на чело на Јавниот сервис да застане човек предложен од опозицијата 100 дена пред избори.
Шеќеринска е оптимист дека избори во декември се можни доколку партиите бидат посветени на имплементација на договореното, но потенцираше дека минатото покажало дека некои политички партии бегаат од договореното а оттаму и агонијата во која живеат граѓаните на Македонија.
– Она што се случува во Собранието не е охрабрувачки. Гледаме дека координаторите на владејачките партии не сакаат да го стават потписот на договорот за кои нивните преговарачи се согласија, рече Шеќеринска, но изрази надеж дека таквиот став во скоро време ќе се промени кај нив.
Извор: Нова ТВ