Еврообврзница:Граѓаните не можеа да спречат задолжување?
Различни се реакциите по преземената еврообврзница. За едни е изненадување, за други не е. Очекувано по одлуката на премиерот и министрите да се задолжат.
Сепак уште пред издавањето на обврзницата многумина порачаа дека клучно ќе биде да се направи строга контрола врз буџетските трошења.
Првиот човек во економскиот совет на СДСМ Кире Наумов смета дека опозицијата сега преку новата влада, доколку се избере ќе има шанса да го спречува непродуктивното трошење.
„Она што сега можеме навистина да го направиме е доколку дојде до формирање на техничка Влада, и преку дополнителниот заменик министер да се обидеме што е можно повеќе овие средства да не се трошат непродуктивно. Тоа е единственото нешто што можеме да го направиме. Паралелно со тоа велиме дека во овој момент евентуалните преземени правни мерки кон лицата инволвирани во сето ова, при постоечкото Јавно Обвинителство и Судство, не веруваме дека ќе вроди со плод. Но, по превземањето на власта сигурно овие лица директно или индиректно што се инволвирани во ова ќе сносат одговорност. Она што сега можеме е да се фокусираме ако дојде што порбрзо до формирање на техничка Влада односно договор и на тој начин да се обидеме да спречиме непродуктивно трошење на овие средства.“ вели Наумов.
Сепак намалувањето на еврообврзницата е своевидна победа за експертскиот сектор.
„Прво што се забележува е дека износот на евообврзницата е далеку помал од оние 650 милиони евра кои беа објавени во одлуката на Владата. Тој е близок до износот на надворешно задолжување од 370 милиони евра, кој беше специфициран во првичниот Буџет за 2016 година. И рочноста од 7 години е значајно помала од онаа која првично беше објавена, од 10 години. Ова овозможи и да биде понудена нешто пониска купонската камата, од 5.625%. Доколку Владата решеше да оди со десетгодишна обврзница, со износ од 650 милиони евра, веројатно ќе требаше да понуди камата од околу 6%. Во тој случај, вкупниот износ на платени камати ќе достигнеше 390 милиони евра (6%*650*10).
Зошто Владата го смали износот на еврообврзницата и нејзината рочност? По мое мислење, заради целокупната врева која се крена околу еврообврзницата. Со писмата до банките, петициите, протестите, колумните, јавните настапи, и другите форми на притисок против еврообврзницата, можеби не успеавме да ја натераме Владата да се откаже од намерата да издаде еврообврзница, но успеавме да го намалиме нејзиниот износ и рочност, а со тоа и да заштедиме 213 милиони евра. И тоа е нешто“,вели Бранимир Јовановиќ во колумна за Фактор.
Најголем дел од читателите на Фактор сметаат дека Македонија воопшто не треба да се задолжува со нова еврообврзница. Анкетата што ја спроведовме минатата недела покажа дека 70 отсто од анкетираните се против еврообврзница, 12 отсто сметаат дека задолжување е можеби потребно, но во помал износ, а 17 отсто целосно се согласуваат дека е потребно задолжување од 650 милиони евра.
Извор: Фактор.мк