Руска иницијатива за неутрални држави на Балканот
Руската владејачка партија Единствена Русија на Путин со Декларацијата што ја потпишаа партии од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, се залага за формирање на воено неутрална територија на Балканот. Потписниците на Декларацијата за актуелните балкански и европските безбедносни проблеми ја истакнале неопходноста од барање заеднички вонблоковски решенија.
Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, кој го стави својот потпис на Декларацијата, смета дека тоа значен потег на неговата партија на меѓународната политичка сцена. За сајтот МКД објаснува дека е незадоволен што четирите политички партии во Македонија се договараат без помалите партии, а со него не се среќаваат меѓународните посредници.
Целосното игнорирање на меѓународната заедница на помалите политички партии, на партиите на етничките малцинства едноставно не принуди да бараме меѓународни партнери и ги најдовме. Јас знам дека во Македонија има многумина поединци кои би сакале да бидат на моето место, но ете ние ја потпишавме оваа Декларација.
Стоиљковиќ најавува дека ќе објасни повеќе по враќањето од Москва. За некои медиуми изјави дека ја потпишал декларацијата на партијата на Путин затоа што смета дека е од интерес на Македонија како гаранција за суверенитетот и територијалниот интегритет без да се бара промена на името. Тој уште пред да пристигне во Русија бил подготвен за потпишување на Декларацијата и знаел за нејзината содржина.
Неговата партија е дел од владејачката коалиција во земјава. Портпаролот на ВМРО-ДПМНе Иво Котевски изјави дека немаат информации за руската декларација, ниту дека некоја партија ја потпишала во име на Македонија.
Извор: Телма