Собранието без опозиција го изгласа Универзитетот „Дамјан Груев“
Со 67 гласа „за“ и шест „против“ владејачкото мнозинство во Собранието денеска во отсуство на опозицијата по скратена постапка го изгласа Законот за формирање на Универзитетот „Дамјан Груев“. Предлог-законот доби поддршка и по Бадентеровото мнозинство.
Се работи за Универзитет за одбрана, безбедност и мир, а новиот владин предлог на законот кој вчера пристигна во Собранието проширен со уште три нови факултети – економски, градежен и архитектонски.
Владејачкото мнозинство го бранеше формирањето на Универзитетот со тврдења дека студентите ќе имаат уште една можност самите да направат избор каде ќе студираат, да не бидат манипулирани и рекетирани.
Пратениците од опозицијата пак, денеска ја бојкотираат седницата на Собранието, по одлуката за замрзнување на сите собраниски активности додека Уставниот суд не се изјасни за уставноста на Специјалното обвинителство.
Според независната пратеничка Солза Грчева, со ваквиот Универзитет, се прави обид за паралелен систем и дисквалификација на најстариот Универзитет „Кирил и Методиј“. Таа тврди дека новиот универзитет е „освета на бившите повторувачи“, кои ќе ги вдомат партиските кадри и ќе ги осакатат генерациите со хиперпродукција.
-Јас овој проект го гледам како штетен политички проект кој ќе нанесе само поголем удар во високото образование, штета е што опозицијата не го истера ова до крај и не дозволи формирање на овој Универзитет. Поднесовме девет амандмани да се обидеме да направиме некои суштински промени во ваквиот концепт, но се разбира ниту еден амандман не беше прифатен. Удар дополнителен се врши на УКИМ, на најстариот Универзитет на Македонија. Без никаков проектиран буџет се отвора овој Универзитет, без никакви елаборати на основа на што е извршена акредитација на овој Универзитет, одговор не добив. Ова го третирам како политички проект без никаква стратегија, рече Грчева.
Заменик – министерот за образование Спиро Ристовски, тврди дека идејата е да се зголеми квалитетот на високото образование.
-Ниту e некаква одмазда ниту обид за вдомување на потенцијалните кадри за кои пратеничката Грчева смета дека треба да бидат вдомени. Идејата за основањето на Универзитетот е да се зголеми квалитетот на високото образование и пред се во неколку области кои се од исклучително значење за Република Македонија. Тоа ќе биде Универзитет кој нема да има големи и масовни квоти на запишување, напротив тоа ќе биде Универзитет на која ќе се фокусира целата академска јавност во насока на подобрување на квалитетот, а не за хиперпродукција на кадри, реплицираше Спировски.
Пратениците од власта тврдат дека со досегашната ситуација во високото образование, просперирале само фамилијарните лози.
-Мораме да признаеме дека е јавна тајна дека сите фамилии и студенти имале проблем. Тоа не треба да даде генерална слика на сите професори, ама дека има монопл – има. Дали само фамилијарните лози просперираат – така е. Цели ходници се со исто презиме на Медицинскиот факултет, вие не можете да станете ниту асистент ако вашиот татко не бил професор на Медицина или Правен. Не можете да најдете градежен инжењер за да го вработите, има апсолутен недостаток, смета пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
И пратеничката од владејачката партија Светлана Карапетрова смета дека не можеле да се најдат ниту архитекти за вработување во локалните самоуправи од тоа што сите отворале сопствени архитектонски бироа. Таа како пример го посочи штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ за кој смета дека е пример за реформите, на што Грчева реплицираше дека архитектите работаат како таксисти, а идеите за нови Универзитети се за лиферација на дипломи со кои на идните генерации ќе им се полнат главите „со слама“ наместо со знаење.
Пратеникот од редовите на ДПА Орхан Ибраими смета дека со формирањето на новиот Универзитет, идејата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е да се направи сегрегација, наместо кохезија. Тој смета дека е навреда за Абанците што Универзитетот не предидува ниту една насока на албански јазик.
Извор: Новатв.мк