Македонски државјанин, член на ИСИС, доби доживотна затворска казна во Турција
Мухамед Зекири, македонски државјанин, вчера од судот во Анкара бил осуден на доживотна робија за учество во напади на ИСИС на територијата на Турција. Тој бил осуден заедно со уште двајца, Чендрим Рамадани од Швајцарија и Бенјамин Ху од Германија, јави Асошиетед прес, пренесе МКД.мк.
Тројцата биле уапсени во 2014 година откако убиле војник, полицаец и возач на камион во вооружен напад во градот Нигде, централна Турција. Овој инцидент се смета за прв акт на насилство на членови на ИСИС на територијата на Турција. Судот во Анкара досуди повеќе доживотни затворски казни за тројцата припадници на ИСИС (или Даеш, како што во Турција ја нарекуваат исламската држава). Рамадани е осуден на пет доживотни казни затвор, Ху на четири, а Зекири на една.
Доживотните затворски казни се најтешките казни во турскиот казнен систем. Осудените лица во затворот престојуваат во изолорани ќелии со право на само еден час вежбање дневно. Овие затвореници немаат право на помилување.
Адвокатот на еден од жртвите изјави дека тројцата се осудени и за обид за насилно уривање на турската влада.
Извор: Плусинфо.мк