Филипини: Протестирам за да им покажам на луѓето дека сум со нив
Поранешната холандска амбасадорка, Симоне Филипини, вчера беше дел од протестите кои се одржуваат секој ден во шест часот како дел од „Шарената револуција“, пишува Нова ТВ.
На прашањето на НОВА, зошто протестира, таа одговори дека дошла на протестите бидејќи се грижи за македонскиот народ и за состојбата на земјата.
„Се грижев кога бев амбасадорка, но и подоцна кога не бев, и се уште го правам тоа. Во суштина мислам дека ова е солидарноста која ние во Европа треба да ја имаме едни за други. Верувам во моќта на луѓето и нивното право да протестираат против владите или владините дејствија кои не се во ред.
Знаеме дека слободата на говорот во Македонија е влошена, економијата не се движи во правилна насока и го имаме големиот скандал со прислушувањето, каде се гледат постапките на Владата. И мислам дека сосема е во ред луѓето да протестираат против ова и сакам да им потенцирам на луѓето дека се сослушани, да им покажам дека сум со нив“, вели Филипини.
Таа додава дека кога разговара со луѓето во Македонија тие постојано и велат дека им треба слободата назад и дека сакаат да имаат можност да го кренат својот глас, сакаат да бидат слушнати и затоа смета дека е многу важно да ги поддржи.
„Многу сум среќна што луѓето сега се исправени. Секогаш велам дека како амбасадор можете да посредувате и да создавате околности, можете да помогнете, да ги поддржите луѓето, но не можете да ја сработите работата за нив. Граѓаните на Македонија мора да го кренат гласот за себе и да бараат промени, јас не можам да го направам тоа за нив.
Фактот што луѓето се на улиците, секоја ноќ, е апсолутно импресионирачки и тоа е позитивно. Различно беше во моето време овде, луѓето не излегуваа, но можеби ситуацијата се влоши уште повеќе што стана невозможно а да не простираат. Горда сум на луѓето во Македонија“, вели поранешната холандска амбасадорка.
На нашето прашање што претставува за неа „Шарената револуција“, таа вели дека пораката на „шарените“ е порака за мир.
„Луѓето овде ми кажуваат колку им е важен мирот, стабилноста и добросостојбата и не сакаат насилство. Тоа е моќна порака. Во општеството има многу насилство, дали со оружје, дали со зборови, а тие тоа не го сакаат. Тие сакаат едноставен живот и да бидат слободни, да ја искористат својата шанса, и ова да стане земја која ќе си го најде своето место во границите на Европската унија. И јас би сакала да ја видам земјата како земја-членка на ЕУ, но прво мора нешто да се случи овде“, рече Филипини.