Конечно АВМУ потврди дека Миленко Неделковски шири говор на омраза
Хелсиншкиот комитет го поздравува начинот на кој се образложени констатациите во Извештајот за извршен програмски надзор, а кој беше изработен од страна на Секторот за програмски работи при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), каде дава предлог до директорот на АВМУ – „Писмено да му укаже на Трговското радио-дифузно друштво КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје, дека со изјавите и ставовите искажани од Миленко Неделковски во изданијата на неговите емисии „Миленко Неделковски Шоу“, емитувани на 15, 22, 29 јануари и 5 и 12 февруари, 2016 година поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација со што го прекрши членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.“
„Секторот за програмски работи при Агенцијата за медиуми, со овој извештај, укажа на тоа дека е возможно да се спроведе правда, во случај кога треба да се извршат одредени мерки против медиумите, кои не смеат да бидат имуни на санкција. Со ова, јасно се упатува на одговорноста за медиумските содржини кои се објавуваат на одреден медиум,особено доколку дискриминираат одредена заедница или пак шират говор на омраза“, соопшти Хелсиншки комитет.
Од таму велат дека спротивно на оваа пракса која АВМУ ја прокламираше со Извештајот, Основното јавно обвинителство (ОЈО) не го третира користењето и ширењето на говорот на омраза од страна на Миленко Неделковски.
„Хелсиншкиот Комитет за човекови права и ЛГБТИ Центарот за поддршка уште одамна и во многу наврати алармираа за говорот на омраза и посебно за хомофобичните содржини кои ги шири лицето Миленко Неделковски во своето шоу.
Против ова лице досега се поднесени три кривични пријави за кривични дела „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост член 319 ст. 1 од КЗ на РМ, Ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем член 394-г ст.1 од КЗ на РМ и кривично дело Расна и друга дискриминација чл.417 ст.1 од КЗ на РМ“. Досега ОЈО има постапено единствено по последната кривична пријава, но и во овој случај ОЈО Скопје не утврдува елементи на говор на омраза. Игнорирањето на говорот на омраза од страна на ОЈО како институција е неприфатливо особено доколку се земе предвид природата на овие кривични дела, но и фактот дека непостапувањето на ОЈО по кривични пријави за говор на омраза може да се смета за охрабрување насторителите“, се наведува во соопштението.